Амбасадата на Бугарија во Скопје повика да не се блокираат граничните премини и патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија откако беа опожарени два автомобила на бугарската амбасада во Скопјe, по што беше најавено дека на 21 јуни по 2 часа ќе бидат блокирани три гранични премини кон земјава.
Како што беше објавено претходно, бугарското Министерство за внатрешни работи дало дозвола за блокада на три македонски гранични премини Деве Баир, Делчево и Ново Село на 21 јуни. Блокадата е планирано да трае 2 часа, а е во организација на антимакедонската бугарска Фондација Македонија.
Повикот да не се блокираат границите и патиштата е објавен на официјалната Фејсбук страница на дипломатската мисија, потпишана од бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, Желазко Радуков.
Амбасадата им се заблагодарува на бугарските институции, организации и граѓани за изразената поддршка за мисијата во актуелните „особено тешки услови“.
Амбасадата наведува дека го поддржува правото на мирен граѓански протест како фундаментално право во секое вистински демократско општество.
„Истовремено, најсилно замолуваме да не се предизвикува блокирање на граничните премини или патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија. Интересот на нашата земја налага да бидеме отворени кон нашите југозападни соседи, да го поттикнеме нивното запознавање со современата бугарска култура, да ги промовираме контактите меѓу долго разделени семејства, да ја продлабочиме економската соработка и трговијата. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само така ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и кои се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, се наведува во изјавата.
Според Амбасадата, изразувањето на незадоволството и загриженоста на бугарското општество за тоа што се случува во Скопје треба да има конструктивен и европски карактер.
„Исто така, им обрнуваме внимание на одредени медиуми и јавни личности во Северна Македонија дека е недоследно и непродуктивно бугарските организации да се дефинираат како ‘антимакедонски’ поради различните оценки и ставови за состојбата во билатералните односи и политиката на властите во Скопје. Плурализмот е карактеристика на демократијата и неговото манифестирање не е насочено ‘против’ никого, туку има за цел да отвори меѓузаеднички дијалог како предуслов за градење слични наративи и разбирање“, се додава во изјавата потпишана од амбасадорот Радуков.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова завчера (17.06.2026) изјави дека иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и би можеле да ѝ наштетат на позицијата на Бугарија во односите со Северна Македонија.
– Нема потреба дополнително да се влегува на патот на ескалација и да се одговара во секој случај во кој има таква провокација – истакна министерката.
Tagged as:
Изразувањето на незадоволството треба да има конструктивен и европски карактер
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
