Поранешната пратеничка и претседателка на партијата ДОМ Лилјана Поповска испрати ургенција до Уставниот суд, барајќи забрзување на постапката по нејзината иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.
Во дописот, Поповска потсетува дека уште на 13 август 2025 година Уставниот суд донел решение за поведување постапка по нејзината иницијатива, но речиси една година подоцна сè уште не е закажана јавна расправа ниту е донесена конечна одлука.
Таа наведува дека со тоа се надминати роковите предвидени во Деловникот на Уставниот суд, вклучително и рокот од 30 дена за доставување одговор од органот што го донел оспорениот акт, како и рокот од три месеци за подготовка на реферат за седница.
Поповска бара Судот во догледно време да организира јавна расправа и потоа да донесе одлука со која ќе утврди дека Протоколот не е во согласност со Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори и Законот за надворешни работи, поради што треба да биде поништен или прогласен за правно ништовен.
Во ургенцијата таа повторува дел од аргументите наведени во иницијативата. Според неа, Протоколот не бил ратификуван во Собранието, не бил објавен во законски предвидената постапка и не била испочитувана процедурата за негово договарање и усвојување. Таа оценува дека документот излегува надвор од рамките на акт што треба да обработува одредби од Договорот за добрососедство и дека има последици врз идентитетските прашања, јазикот и историјата на македонскиот народ.
Поповска тврди дека Протоколот претставува „невалиден акт“ кој содржи сериозни правни недостатоци и политички импликации, додавајќи дека со него се отвора простор за условувања што, според неа, директно влијаат врз македонските евроинтеграции.
Во дописот таа се осврнува и на неодамнешните случувања во Европскиот парламент, оценувајќи дека не биле прифатени предлози кои би довеле до преиспитување на спорните елементи од Протоколот. Поради тоа, смета дека домашните институции, а особено Уставниот суд, треба да ја преземат иницијативата и да ја разрешат оваа правна дилема.
Лилјана Поповска ја поднесе иницијативата до Уставниот суд на 24 јули 2025 година, барајќи оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија од 17 јули 2022 година. Уставниот суд на 13 август 2025 година поведе постапка по предметот УЗ.44/2025. Во иницијативата се наведува дека Протоколот е спротивен на повеќе уставни одредби и закони, бидејќи не бил ратификуван во Собранието и не била испочитувана постапката за негово усвојување. Поповска бара негово поништување, додека поддржувачите на документот сметаат дека тој е составен дел од рамката што овозможи деблокирање на европскиот пат на земјата и почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
