На 1 јуни 2026 година, салата „Билјанини Извори” во Охрид беше преполна. Македонци, Албанци, православни, муслимани, млади и стари, сите заедно скокаа, пееја и плачеа од среќа. ГРК Охрид го освои ЕХФ Европскиот куп, откако во финалето го совлада унгарскиот МОЛ Татабања со 31:25 во реванш натпреварот. Тоа е спорт, тоа се граници кои не постојат.
Тренерот Борис Ројевиќ, клучните играчи, јапонскиот интернационалец Косуке Јасухира, голманот Кристијан Пилиповиќ и Словенецот Тилен Стрмљан, заедно со цел тим, го направија она за кое Охрид чекаше со децении, европски трофеј. Градоначалникот Кирил Пецаков, кој самиот некогаш бил играч и капитен на клубот, со право го слави овој успех, бидејќи токму тој е архитект на проектот ГРК Охрид во неговата сегашна форма.
Охрид, спортски град со длабоки корени
Но ГРК Охрид не е случајност. Охрид е град со богата спортска традиција, само ретко некој се сеќава на тоа. ФК Охрид, еден од најстарите фудбалски клубови на Балканот, е формиран уште во 1921 година, прво под името ОСК Охрид. Под денешното име се натпреварува од 1946 година, кога се обединуваат охридските клубови ОСК, ФК Охридски Бранови, ФК Југославија, ФК Рашанец и ФК Граѓански. Денес, под името ГФК Охрид Лихнидос, клубот се натпреварува во Втората македонска лига, далеку под нивото кое историјата и градот го заслужуваат.
Кошаркарскиот клуб АМАК СП Охрид, основан во 2005 година, успеа во само една сезона да се искачи од Втората во Првата македонска кошаркарска лига и во 2005 година го освои Купот на Македонија. Потоа следуваше тишина. Клубот исчезна, а со него и сонот за организирана кошарка во Охрид.
Пливачкиот клуб Охридски Бранови е уште една приказна за страст и љубов кон спортот. Клубот е технички организатор на Охридскиот пливачки маратон, манифестација со децениска традиција, која секоја година привлекува пливачи од цел свет на 25 километарската патека „Климе Савин” од Свети Наум до Охридското пристаниште. Нико Нестор, легенда на охридското пливање и член на клубот, стана прв Македонец кој го преплива Ла Манш. Денес покрај нив активен е и пливачкиот клуб Акваспирит, основан 2019 година, со повеќе од 50 активни членови.
Два клуба, еден град, исти проблеми
Охрид денес има и ГРК Охрид и ГФК Охрид. Двата клуба заслужуваат внимание, поддршка и идентична грижа. Победата на ракометарите е историска, но фудбалскиот клуб со над сто години постоење не смее да биде заборавен. Разликата во третманот на клубовите, не само во Охрид туку и на ниво на цела Македонија, е хронична болест на македонскиот спорт. Федерациите фаворизираат одредени клубови, финансиите не одат таму каде треба, а малите средини плаќаат највисока цена.
Езеро имаме, базен немаме
Охрид е град на вода. Охридското Езеро е едно од најстарите и најчистите во светот. Пливачите од Охрид тренираат во него лете, а зиме, со децении, немаат каде. Охридскиот пливачки маратон, со наградни фондови и меѓународни учесници, се одржува во езеро, а спортистите на овој град немаат затворен базен. Изградбата на покриениот пливачки базен во Билјанини Извори тече уште од 2015 година и сè уште нема крај, а народните пари бројат блиску до пет милиони евра потрошени без резултат.
Спортот во Охрид и во Македонија не му треба нов трофеј за да докаже дека вреди. Му треба системска грижа, еднаков третман на сите клубови и конечно еден завршен базен. Во спротивно, ЕХФ трофејот ќе биде само уште еден убав момент во градот кој со децении се бори со самиот себе.
С.Д.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
