Под сводовите на прочуената галерија „Виторио Емануеле Втори“ во Милано со децении се повторува ист ритуал. Илјадници туристи застануваат пред мозаикот на бикот, ја поставуваат петицата на едно сосема одредено место и се вртат трипати во круг. Според легендата, тоа носи среќа и гарантира враќање во градот.
Но, деновиве посетителите останаа збунети.
По реставрацијата на прочуениот мозаик, на социјалните мрежи се појавија десетици коментари со исто прашање:
„Што се случи со неговите тестиси?“
Некои дури се пошегуваа дека Милано наместо бик сега има вол.
Мозаикот се наоѓа во срцето на Милано и го претставува градот Торино, првата престолнина на обединета Италија.
Со текот на времето, токму гениталиите на бикот станаа главна туристичка атракција. Посетителите со години ја вртеа петицата врз нив, убедени дека така си обезбедуваат среќа.
Резултатот бил видлив. На местото постепено се создала вдлабнатина која станувала сè поголема.
Поради оштетувањето, градските власти одлучиле повторно да го обноват мозаикот.
Викендов градскиот советник Марко Гранели објави фотографија и соопшти дека мозаикот е „целосно обновен“.
Наместо пофалби, следуваше лавина реакции.
„Што се случи со тестисите?“, праша еден корисник.
„Нешто недостига“, напиша друг.
Имаше и коментари дека симболот на Милано бил буквално „кастриран“. За само неколку часа темата се прошири низ италијанските медиуми.
Од градската управа веднаш реагираа. Според нив, работите сè уште не се завршени. Дел од површината и понатаму останува покриена за новите плочки да се зацврстат и да ја добијат потребната нијанса.
Властите нагласуваат дека не станува збор за исчезнување на дел од мозаикот. Напротив.
За реставрацијата бил употребен розов мермер, кој според експертите е најблизок до оригиналниот материјал. Токму поради различната боја, кај многумина се создал впечаток дека дел од бикот недостасува.
Градската управа потсети дека за време на претходната реставрација во 2017 година бил користен потемен мермер.
Околу мозаикот и натаму стои заштитна ограда. Реставраторските работи ги изведува мајсторот Џанлука Гали.
Тој со денови клечи пред мозаикот, рачно обликувајќи и вградувајќи нови камени парчиња. Во изјава за „Кориере дела Сера“, Гали потврди дека процесот сè уште не е завршен.
Затоа, конечниот изглед на прочуениот бик допрва треба да биде претставен.
Легендата вели дека секој што трипати ќе се заврти со петицата врз гениталиите на бикот ќе има среќа и повторно ќе се врати во Милано.
Токму таа традиција го направи мозаикот една од најфотографираните точки во градот. Но истата традиција со години го оштетуваше каменот. Сега, додека реставраторите се обидуваат да го вратат стариот сјај, Италијанците внимателно ја следат работата.
Не поради историската вредност на мозаикот.
Туку затоа што сакаат да се уверат дека славниот бик навистина не останал без своите најпознати „атрибути“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
