Во либанскиот главен град денеска е хаотично – сообраќаен метеж и километарски редици возила се формираа на патиштата, додека жителите панично се обидуваат да ги напуштат јужните предградија на Бејрут пред израелската армија да ги започне најавените воздушни напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска издаде наредба за воздушни напади на јужните делови на Бејрут.
Речиси идентични сцени беа видени во градот на почетокот на март, кога Израел ја почна својата последна офанзива против Хезболах во Либан, како одговор на, како што рече тогаш израелскиот премиер, „повторените и континуирани прекршувања на прекинот на огнот во Либан од страна на терористичката организација Хезболах“.
И покрај формално прогласениот прекин на огнот, Израел значително ја прошири својата воена офанзива во земјата во последните денови. Серијата нови наредби за евакуација на населението издадени од израелската армија сега опфаќаат околу 15 проценти од целата територија на Либан.
Денеска израелската армија (ИДФ), исто така, издаде нови, итни наредби за евакуација на жителите на 7 села во јужен Либан, а на листата се Хумин ал-Фаука, Бнафул, Арап Салим, Румин, Аазе, Арки и Џбаа.
„За ваша сопствена безбедност, мора веднаш да ги напуштите вашите домови и да се оддалечите од овие села и градови на растојание од најмалку 1.000 метри, до отворените области“, објави портпаролот на ИДФ на арапски јазик, Авичај Адрае, во објава на социјалната мрежа Икс.
Вчера, пак, израелските сили ја окупираа стратешки важната тврдина Бофорт.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека „нема да биде мирно во Бејрут“ ако продолжат нападите на Хезболах. Тој најави воспоставување зона под целосна израелска воена контрола во областа на реката Литани во јужен Либан.
„Дахије во Бејрут не се разликува од заедниците на северот од Израел – ако нема мир на северот, нема да има мир во Бејрут“, се вели во официјалното соопштение од канцеларијата на министерот Кац.
Тој се осврна на јужните предградија на либанската престолнина, кои се силно упориште на Хезболах.
„Во исто време, ИДФ продолжува со интензивни борбени и маневрирачки операции против терористите на Хезболах и нивната инфраструктура во Либан… Сето ова го правиме за да ја отстраниме заканата за нашите сили и народот на Државата Израел и да ја претвориме областа околу реката Литани во зона под безбедносна контрола на ИДФ, целосно исчистена од оружје и терористи“, објави Кац.
Нетанјаху денеска официјално нареди да се извршат воздушни напади врз либанскиот главен град. Рече дека одлуката е донесена „како одговор на повторените и континуирани прекршувања на примирјето во Либан од страна на терористичката организација Хезболах, како и нападите врз нашите градови и граѓани“.
На израелската војска ѝ е наредено да го нападне јужното предградие Дахије, кое се смета за едно од главните и најсилните упоришта на милитантната група поддржана од Иран.
Израелските напади врз Либан предизвикаа остра реакција од Иран.
„Сегашниот прекин на огнот што е на сила меѓу Иран и Соединетите Американски Држави е недвосмислено примирје што ги опфаќа сите фронтови, вклучително и оној во Либан“, објави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи на Икс.
Оваа остра реакција од Техеран дојде веднаш откако израелскиот премиер Нетанјаху ја издаде наредбата за воздушни напади врз Бејрут.
„Кршењето на прекинот на огнот на еден фронт е кршење на прекинот на огнот на сите фронтови. САД и Израел ќе бидат директно одговорни за сите последици од какво било кршење на договорот“, напиша Арагчи.
Иранската војска, пак, порача деека „нема да толерира продолжување на бруталните злосторства против Либан“.
Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи рече дека најновата израелска офанзива во Либан го искористила постојното примирје и „отворено ја нарушила либанската територија и убила повеќе од 3.000 невини луѓе, вклучувајќи жени и деца“.
Иранското Министерство за надворешни работи вчера изјави дека прекинот на огнот во Либан останува клучен услов за постигнување на каков било договор со САД.
– Инсистираме дека прекинот на огнот во Либан е клучен услов за каков било договор насочен кон прекин на војната – изјави портпаролот на министерството.
Бакаеи објасни дека застојот и одложувањето во дипломатскиот процес може да се припишат на целосен недостаток на доверба, контрадикторните позиции на Вашингтон и израелските напади врз Либан.
– Преговорите започнаа во атмосфера на длабока сомневање и недоверба, а размената на пораки се одвива во тој тон. Другата страна постојано ги менува своите позиции и поставува нови или контрадикторни барања… Природно е таквата ситуација да ги продолжува преговорите – истакна Бакаеи, додавајќи дека Техеран ги смета дејствијата на Израел во регионот, вклучително и оние во Либан, за неразделни од САД.
Најмалку 6 лица се убиени во најновите израелски воздушни напади врз Либан, објави Националната новинска агенција на Либан.
Во нападите со беспилотни летала врз градовите Бирика и Тул загинаа 3 лица, додека израелски воени авиони истовремено бомбардираа голем број населби низ јужниот дел од земјата. Синоќа, градот Кфарсир беше исто така цел на тешки напади, каде што беа убиени 3 лица.
Европската Унија испрати итен официјален апел до Израел веднаш да ја запре својата воена операција на територијата на Либан. Реакцијата од Брисел дојде откако израелските сили ја зазедоа стратешки важната тврдина Бофорт и отворено најавија продолжување на жестоките воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут.
„Го повикуваме Израел веднаш да ја запре воената ескалација во Либан и целосно да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан“, изјави портпаролот на ЕУ, Ануар Ел Ануни.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
