СДСМ: Мицкоски ги излажа граѓаните и за економијата – граѓаните живеат полошо
Граѓаните паметат како Христијан Мицкоски пред изборите клечеше и молеше за власт, ветувајќи враќање на името, укинување на Преспанскиот договор и промена на преговарачката рамка.
Ги излажа граѓаните.
Денес во ВМРО признаваат дека Преспанскиот договор го заштитил македонскиот идентитет, јазик и култура, дека членството во НАТО е одлична работа. Лажниот патриотизам на Мицкоски целосно пропадна. Половина Влада му е со бугарски пасоши. ВМРО стана промакедонска партија затоа што не може да биде „македонска“.
Но Мицкоски не ги излажа граѓаните само со лажниот патриотизм. Ги излажа и за економијата.
Ветуваше дека „ќе биде многу подобро“. Ветуваше „повисоки плати“. Ветуваше „подобар животен стандард„. Ветуваше „економија во фокусот“.
И ништо од тоа не исполни.
После две години власт на Мицкоски, граѓаните живеат полошо, едвај врзуваат крај со крај и секој ден водат борба за преживување од први до први со најниски плати во Европа.
Празните паричници и празните фрижидери се најголемиот доказ за лагите на Мицкоски.
Сиромаштијата достигна 21,9 проценти уште во првата година од неговото владеење.
Наместо економијата во „фокусот“ му се само криминални тендери и сомнителни зделки.
Ветуваше „нови странски инвестиции“ а странските инвестиции се намалени за 61 процент, односно за 729 милиони евра помалку во 2025 година.
Ветуваше и „нови работни места„ а бројот на вработени во индустријата е намален за 2,8 проценти само за една година.
Единственото нешто што Мицкоски не го вети а навистина го испорача е нов огромен долг на товар на народот.
За само две години ја задолжи државата за нови 2,5 милијарди евра, а јавниот долг достигна историски рекордни 11 милијарди евра.
Мицкоски ги излажа и ги изневери граѓаните.