Австриски и германски државјанин се под истрага поради сомнежи дека учествувале во таканареченото „сараевско сафари“. Приказната за богати странци кои плаќале огромни суми за да пукаат врз цивили за време на опсадата на Сараево во 1990-тите години добива нов тек.
Според австрискиот весник „Кронен цајтунг“, двајцата наводно патувале во Босна и Херцеговина меѓу 1992 и 1996 година и од позиции на војската на босанските Срби пукале врз цивили во опколениот град.
Истражителите се сомневаат дека ваквите „тури“ биле прикривани како ловни експедиции на Балканот.
Поранешната австриска министерка за правда Алма Задиќ побарала темелна истрага за случајот.
– Станува збор за сомнежи за најтешки воени злосторства, кои мора темелно да се истражат и да се гонат. Не смее да има простор за неказнивост – изјавила таа.
Во Италија веќе неколку месеци се водат слични истраги.
Тие биле отворени по пријава на миланскиот писател Ецио Гавацени, кој тврди дека во „човечките сафари“ учествувале државјани од повеќе европски земји, меѓу нив Австрија и Германија.
Случајот повторно се актуализирал по документарниот филм „Сараево сафари“ на словенечкиот режисер Миран Зупанич.
Филмот содржи сведоштва според кои богати странци плаќале огромни суми за да пукаат врз луѓе во Сараево, без воени или идеолошки мотиви.
Според наводите, станувало збор за сурова забава.
Гавацени, кој напишал и книга за случајот, изјавил дека „секоја земја треба да си ја заврши домашната задача“.
Белгиското обвинителство веќе потврдило дека отворило истрага за можна вмешаност на белгиски државјани.
Поранешниот италијански магистрат Гвидо Салвини изјавил дека меѓу осомничените има државјани на
Белгија, Франција, Германија и други европски земји.
Италијански медиуми претходно објавија дека за ваквите „тури“ се плаќале и до 100.000 евра дневно.
Обвинителството на Босна и Херцеговина потврди дека работи на предмет поврзан со „Sarajevo Safari“.
Воспоставен бил контакт со италијанското обвинителство и со Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг.
Австрија исто така води истрага против две лица осомничени за учество во снајперските активности.
Опсадата на Сараево траеше 44 месеци, од април 1992 до декември 1995 година. Градот секојдневно беше изложен на гранатирање и снајперски напади.
Според достапните податоци, за време на опсадата загинаа повеќе од 11.000 луѓе.
Доколку истрагите ги потврдат наводите, случајот би можел да стане еден од најморничавите примери за странско учество во злосторства за време на босанската војна, не поради идеологија или воена стратегија, туку како платено убивање цивили.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
