Претставници на надлежни институции, граѓански организации и пратеници денеска се вклучија во надзорната расправа посветена на спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство организирана од собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Повеќе центри, во кои жртвите на семејно насилство ќе бидат згрижени, овозможување услови за привремени живеалишта за овие жртви и услови тие да станат економски независни за да не се враќаат повторно кај насилникот, се дел од укажувањата што беа изнесени на почетокот на надзорната расправа.
Заменик-министерот за социјална политика и млади Ѓоко Велковски, одговарајќи на прашања од пратенички, рече дека во завршна фаза е новиот закон за домување, во кој, меѓу другото, се предвидува и можност жртвите на семејно насилство да добијат дом додека економски не се стабилизираат.
Според Велковски, никогаш нема да биде доволен бројот на шелтер-центри во земјата, но дека треба да се разгледа можноста за нов модел, кој ќе им овозможи на жртвите, од една страна, да бидат заштитени, но од друга, да може и слободно да се движат и да ги уживаат сите права како и другите граѓани затоа што во шелтер-центрите жртвите имаат 24-часовна заштита.
За центрите за социјална заштита, Велковски вели дека ефиканоста е на високо ниво иако потребни се кадровски зајакнувања и дополнителни обуки за вработените.
Во однос на медиумското известување, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медумски услуги, Зоран Трајчевски, информира дека интересот на новинарите за обуките што ги организира Агенцијата е многу мал.
– За жал, има многу мала заинтересираност иако обуките ги организираме со нашите стратешки партнери. Има многу мала заинтересираност иако најчесто превозот до Скопје е платен. Едноставно, не се појавуваат на овие обуки – рече Трајчевски.
Претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, се надева дека од надзорната расправа ќе произлезат стручни заклучоци, кои ќе треба да ги спроведат надлежните институции.
– Навистина имаме едно обединување буквално на сите инстанции во општеството за оваа сензитивна тема. Тешко е да се одреди приоритет, но првото нешто што би требало да се измени се законските решенија. Измените веќе се почнати, се работат, не само меѓу министерствата, туку вклучени се и граѓанските здруженија, како и добар број експерти. Покрај измените, важно е да ја запознаеме и јавноста, бидејќи можеби ни недостига повеќе информација за тоа кои сè законски решенија ќе се сменат. Мора да се работи паралелно, но многу е важно да видиме и со кои предизвици се соочуваат институциите. Многупати е полесно да се впери прст и да се обвини некого, но кога ќе почнат да објаснуваат со кои предизвици се соочуваат, сфаќаме дека навистина има недостатоци – некаде во персоналот, некаде во просториите, некаде во локацијата, некаде во обуките итн. – изјави Пешевска пред почетокот на надзорната расправа.
Надзорната расправа продолжува со сведочења од претставници на невладините организации.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
