Анализите покажуваат дека, освен семејно насилство, има и институционално насилство во системот, изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната собраниска седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на која се разговара за спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт.
– Планираме со Комората на лекарите во текот на лиценцирањето на лекарите да има еден модул што ќе биде многу повеќе фокусиран на насилството во здравствените институции и навреме да ги откријат – информира министерот за здравство.
Со Комората на лекарите било во план, кога ќе се даде лиценцата, таа да ги содржи потребните обуки.
– Заедно со Министерството за образование и наука дефинираме кои треба да бидат протоколите и материјалите на академско ниво, во текот на студиите или на ниво на средно училиште. Националниот регистар, потенцирам, е многу значаен и ние работиме во овој дел за подигнување на инфраструктурата за националниот регистар – посочи Алиу.
Министерот се осврна и на плановите лекар да може да евидентира во систем доколку забележи дека некој пациент претрпел насилство, а не пријавил.
– Тие не може да се земат како реални информации бидејќи пациентот не ги пријавува како насилство, но во системот можеме да ги следиме. Доколку пациентот доаѓа со истите знаци и по еден месец или по една година, ние може со оваа услуга да ги пријавиме и од правен, психолошки аспект, да видиме што се случува со пациентот, зошто не го пријавува ова насилство – појасни министерот.
Тој рече дека се координираат со Светската здравствена организација, која јасно ги дефинира насоките како ќе се третираат пациенти што претрпеле насилство.
– Идејата е да создадеме протокол што ќе има one stop центар, кој ќе биде дел од болниците каде што внатре, нема да биде само лекарот, туку ќе има и психолог и правник, кој од законски аспект ќе ги третира процесите. Така што, ова се протоколите кои се стандардизирани, ние истите ќе ги земеме и ќе ги спроведеме во здравствениот систем – додаде министерот за здравство.
Алиу посочи дека се покажало оти доколку еднаш има насилство, насилството се повторува.
Беше кажано дека оваа надзорна расправа е посветена на една од најсензитивните и најважни теми – превенцијата и заштитата од семејно насилство. Дека семејното насилство не е само социјален, туку и сериозен здравствен проблем. Затоа, улогата на здравствениот систем е клучна, како во раната детекција, така и во обезбедувањето соодветна поддршка за жртвите.
Во тек е подготовка на Програма за зајакнување на здравствениот систем за 2027 година, со предвиден буџет од 2 милиони денари, која ќе опфати превенција, бесплатни услуги за жртвите, кампањи за подигање на свеста и обуки за здравствените работници. Паралелно, се работи на интеграција на центрите за сексуално насилство во систематизацијата на јавните здравствени установи, со што овие услуги стануваат траен дел од системот, а не времени проектни активности.
Се истакнува дека особено значајно е поврзувањето на овие центри со електронскиот систем „е-Здравство“, што се очекува да овозможи системско евидентирање на случаите и креирање политики врз основа на реални податоци.
Се унапредувала улогата на координаторите за еднакви можности, со цел подобра институционална координација и интероперабилност. Во делот на законската рамка, беше споделено дека се прават важни исчекори, како што е вклучување на насилството како основ во Законот за здравствена заштита, како и повторно воспоставување на регистар за насилство во рамки на здравствениот систем.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
