Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државава нема какви било предизвици во ланецот на снабдување со нафта и нафтени деривати и дека има најевтини горива во регионот. Тој посочи дека со керозин од земјава се снабдуваат неколку аеродроми во регионот, покрај зголемената набавка на горива од страна на граѓани од соседните држави на бензинските станици во пограничните места.
Доколку се појави таков предизвик, рече Мицкоски, навремено ќе се „препакува“ стратегијата и ќе се подготват нови мерки.
– Состојбата со нафтата и нафтените деривати – дизел горивата, безоловните бензини и керозинот – е во исклучително добра состојба. Како држава во овој момент не гледаме какви било предизвици во ланецот на снабдување. Во постојана координација сме со снабдувачите. Од тој аспект не гледаме опасност ниту за граѓаните ниту за бизнисите. Има доволно количини во државните резерви, но и во цевководот што го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата ОКТА, кој е функционален и оперативен – изјави Мицкоски, по присуство на поставување камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров.
Не само што има доволно количини, додаде премиерот, туку потрошувачката е зголемена, во одредени денови и до 30 проценти, поради тоа што граѓани од соседните држави доаѓаат да точат гориво. Притисокот е најголем на северната, јужната и западната граница, бидејќи, според него, кај нас се убедливо најевтини дизелот и безоловните горива. Тој посочи дека цената на дизелот е пониска за над 0,6 евра по литар во однос на јужниот сосед, а во споредба со Србија за околу 0,3 евра по литар.
– Исто така, со керозинот што го извезуваме, неколку аеродроми добиваат снабдување, како што е Приштинскиот и други. Факт број еден е дека граѓаните кај нас користат најевтини горива во регионот, а факт број два е дека имаме доволно количини и засега не гледаме никаков предизвик поврзан со недостаток. Доколку се случи таков предизвик, ќе подготвиме нова стратегија – рече Мицкоски.
На прашањето дали се размислува за ограничување на точење гориво во пограничните места, премиерот повтори дека засега состојбата е стабилна и нема ризик од недостиг.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
