Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески денеска даде свечена изјава во Собранието, а пред медиумите изјави дека неговата работа ќе биде во согласност со Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди.
Савески се заблагодари за поддршката и коректните ставови во однос на професионалните аспекти.
– Тоа за мене е една голема одговорност и во овој момент сакам да ги повикам сите јавни обвинители заедно со мене, да си ја работат својата работа. Нивната работа ниту почнува ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во нив и сигурен сум дека заедно ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, како и во име на Уставот и законите, постапуваме ние јавните обвинители – изјави Савески.
Тој им се заблагодари на своите довчерашни колеги судии, судиите од Основниот кривичен суд Скопје, на Владата, која го предложи и на пратениците што го поддржаа.
Новиот државен обвинител рече дека очекувал поширока поддршка, а интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес, како што рече – „ниту вчера, ниту денес, ниту во иднина“.
Собранието вчера го избра јавниот обвинител Савески со 66 гласа „за“, двајца „против“ и осум „воздржани“.
Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Tagged as:
Новиот државен јавен обвинител даде свечена изјава
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
