Топ Вести - Слушај сега
Тајван е најважното и најчувствителното прашање во односите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, му рекол кинескиот лидер Си Џинпинг на американскиот претседател Доналд Трамп за време на телефонскиот разговор во средата.
– САД мора да се справат со прашањето за продажба на оружје на Тајван со претпазливост – предупредил Си, според кинеската државна новинска агенција Синхуа.
Тој му предочил на американскиот колега дека исто како што САД имаат свои загрижености, Кина исто така има загрижености.
– Ако двете страни работат во иста насока, во духот на еднаквост, почитување и взаемна корист, сигурно можеме да најдеме начини да се справиме со меѓусебните загрижености.
Си во разговорот нагласил дека самоуправниот остров е територија на Кина и дека Пекинг мора да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет. Истовремено, според државните медиуми, тој истакнал дека придава големо значење на односите со Вашингтон и дека се надева оти двете земји ќе најдат пат за надминување на разликите.
Кина со години ветува дека ќе се обедини со Тајван и не ја исклучува употребата на сила. САД, иако имаат формални дипломатски односи со Пекинг, а не со Тајпеј, остануваат најмоќниот сојузник на островот и негов најголем снабдувач со оружје, движејќи се по тенка дипломатска линија.
Во декември администрацијата на Трамп одобри продажба на оружје на Тајван вредна околу 11 милијарди долари, што вклучуваше напредни ракетни лансери, самоодни хаубици и различни типови ракети.
Пекинг тогаш оцени дека ваквиот потег е обид за поддршка на независноста на Тајван и дека само ќе ја забрза ескалацијата кон опасна и насилна ситуација во Тајванскиот теснец.
Од друга страна, шефот на САД разговорот го оцени како одличен, долг и темелен. Во објава на „Truth Social“ Трамп напиша дека односот со Кина и неговиот личен однос со претседателот Си се исклучително добри и дека двајцата ја разбираат важноста од нивно одржување.
Телефонскиот разговор доаѓа по серија посети на западни лидери на Кина, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, со цел обновување на односите со втората најглема економија во светот. Трамп најави и сопствена посета на Кина во април, патување кое, како што рече, го очекува со нетрпение.
Покрај Тајван, двајцата лидери разговарале и за трговијата. Трамп изјави дека Пекинг размислува да купи 20 милиони тони американска соја, наспроти сегашните 12 милиони. На маса биле и купувањето нафта и гас од САД, војната на Русија во Украина, како и моменталната состојба во Иран.
Последниот телефонски разговор меѓу Си и Трамп пред овој бил во ноември, кога дискутирале за трговијата, руската инвазија врз Украина, фентанилот и Тајван, според американската и кинеската страна.
Часови пред повикот со Трамп, Си одржа виртуелна средба со рускиот претседател Владимир Путин, при што двајцата го поздравија продлабочувањето на врските меѓу Пекинг и Москва, сигнализирајќи дека Кина паралелно ја гради својата глобална позиција на повеќе фронтови.
Тајван го поздрави телефонскиот разговор меѓу Трамп и Џинпинг, велејќи дека тоа ќе помогне во стабилизирањето на регионот.
– Не сме премногу загрижени за овој телефонски повик. Всушност, мислиме дека тоа ќе помогне во стабилизирањето на ситуацијата, особено со оглед на тоа што Кина продолжува да ги ескалира тензиите во Тајванскиот теснец и целиот регион – рече заменик-министерот за надворешни работи на Тајван, Чен Мингчи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
