Топ Вести - Слушај сега
До петок се очекува поголемиот дел од грчките земјоделци, а не е исклучена можноста и сите, да се повлече од блокадите во цела Грција по над 50 дена поминати на улица, а автопатиштата, споредните патишта, но и граничните премини, остануваат отворени, јави дописничката на МИА од Атина.
По средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот, одржаа состаноци на блоковите, го разгледаа исходот од разговорите и донесоа одлуки.
Еден од главните блокови во земјата, оној кај месноста Никеа во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, на вчерашниот состанок одлучи в петок наутро тракторите координирано да се повлечат од блокадата и да се упатат кон центарот на градот за симболично да се завршат протестите по 54 дена на улица, а веднаш потоа и да се вратат во своите места.
Паралелно, до Комисијата на блоковите од целата земја упатија предлог во блиска иднина да се одржи нов состанок на ниво на цела Грција за да се разгледа можноста за одржување протест во Атина.
Земјоделците од блокот Малгара во близина на Солун најавија дека остануваат на блокадата, но без да го затворат патот, а во петок ќе одржат протест во центарот на градот пред објектот на Министерството за Македонија и Тракија.
На состанокот во Премиерската палата во понеделникот присуствуваше делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи одредени од земјоделците од 62 блока од цела Грција, а ставот на Владата беше дека веќе се преземени иницијативи за прашањата што земјоделците континуирано ги покренуваат, но и дека не постои дополнителен простор за нови мерки за поддршка.
Земјоделците пак, не беа многу задоволни од дискусијата, но велат дека го завршуваат овој циклус на динамични протести што започнаа на 30 ноември, а во иднина ќе одлучат дали можеби со тракторите ќе заминат за Атина за да одржат протест.
Грчкиот премиер кусо по средбата, за време на учество на конференција во однос на протестите и блокадите изрази надеж дека ќе надвладее логиката, посочи дека со останувањето на блокадите, земјоделците нема да добијат ништо повеќе и додаде дека е подготвен да се справи со секоја ситуација.
Од 30 ноември, земјоделците од цела Грција постепено започнаа со поставување блокади на клучни локации на автопатиштата во земјата, но и на граничните премини Евзони и Ники кон нашата земја, каде што периодично, по неколку часа дневно во прекин беше сообраќајот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
