Топ Вести - Слушај сега
Се очекува формализација на 17.400 работни места со Законот за работно ангажирање на лица што стапи во сила од вчера, а со кој се овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Новото законско решение е најавено како суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници и борба со сивата економија.
– Во првата фаза со Законот се опфатени дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинството. Според направените анализи, со примената на Законот се очекува формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите – рече денеска на прес-конферениција министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
И покрај мерките од Оперативниот план за вработување, министерот посочи дека лицата остануваат надвор од формалните текови поради што е донесен Законот за работно ангажирање на лица како суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници.
– Со овој закон воведуваме пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање на работна сила, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите не го губат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем – рече Дурмиши.
Оваа реформа, посочи министерот, носи бенефит и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставена административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права. На овој начин Дурмиши вели дека се воспоставуваат поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот.
Според Дурмиши, формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, затоа што директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694.000 вработени, од кои приближно 85.000 биле неформално ангажирани. Тоа, посочи Дурмиши, е сериозен предизвик кој бара системски, а не ад-хок решенија.
Министерот за економија на прес-конференцијата рече дека Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој исто така се применува од 1 јануари годинава, е силен инструмент за поттикнување на економскиот раст, зголемување на конкурентноста и отворање нови, квалитетни работни места. Со овој закон државата обезбедува финансиска поддршка за компании кои инвестираат, остваруваат раст на приходите и ја задржуваат стабилноста на вработувањето.
– Поддршката е насочена кон нови вработувања со повисоки плати, при што компаниите можат да добијат до 20 проценти од исплатената нето плата, односно до 4.400 евра годишно по лице, како и значителна поддршка за истражување и развој, до 50 проценти од оправданите трошоци и максимален износ од 1 милион евра. На тој начин ја охрабруваме трансформацијата на економијата кон поголема продуктивност и додадена вредност – информира министерот Дурмиши.
Комбинацијата од овие два закона, укажа Дурмиши, значи истовремено сузбивање на сивата економија и активна финансиска поддршка на формалната економија. Тоа е јасен сигнал дека државата создава стабилна, предвидлива и фер деловна клима, со повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и силна поддршка за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија, рече министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖