Топ Вести - Слушај сега
Владините промени денес повеќе личат на козметичко средување отколку на сериозна реконструкција која ја бараат граѓаните и состојбите во државата. Наместо темелна преоценка на работењето и нови лица со свежа енергија, добивме рециклирање на стари кадри на нови позиции – кадри кои се дел од власта во континуитет веќе 15 години.
Најилустративен е случајот со Беким Сали. Неговата политичка кариера во власта започна уште за време на владата на Никола Груевски, кога од 2009 до 2010 година беше шеф на кабинетот на министерот за здравство Бујар Oсмани и претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување. По извесна пауза, Сали се враќа на власт во 2021 година, овој пат веќе како министер за здравство во владата на СДСМ, позиција што ја задржува до 2023 година.
Неговиот министерски мандат од 2021 до 2023 година беше обележан со контраверзи и системски кризи. Наместо подобрувања, здравството тонеше во хаос – од скандали со приватни клиники, преку обвинувања за партиско вработување, до конфликти со медицинските професионалци. Медиумите го пишуваа за “хаос и општа паника во кабинетот”, за противзаконски решенија и разрешувања на директори, за етнички квоти во вработувањата. Здравствениот систем што го презеде стабилен, го предаде во хаотична состојба.
И наместо политичка одговорност за неуспесите од 2021-2023, Сали добива унапредување – сега ќе биде задолжен за европските интеграции, можеби најважниот стратешки приоритет на државата. Оваа одлука испраќа јасна порака: во нашата политика не постои одговорност за лоши резултати, постои само прераспределба на функции.
Случајот со Сали е симптоматичен за пошироката слика на македонската политичка сцена. Во актуелната владина коалиција, освен поединци што отворено преминаа од СДСМ во ЗНАМ трчајќи по функции, се наоѓаат и оние кои континуирано се дел од власта уште од времето на Груевски, само со променети партиски легитимации и коалициски аранжмани. Она што се смени се само министерските имиња од СДСМ, но системот на рециклирање на истите кадри останува непроменет.
Ваквите промени укажуваат на суштински проблем – отсуство на сериозен пристап кон управувањето со државата. Кога клучните министерски позиции се третираат како шаховска табла каде фигурите само се преместуваат од поле на поле без оглед на нивните достигнувања, граѓаните имаат право да се прашаат дали оваа власт навистина ја разбира сериозноста на ситуацијата.
Граѓаните не бараат “педикир” на владата. Тие бараат нови лица, нова енергија, нови идеи и над се – одговорност за минатите неуспеси. Додека тоа не се случи, ваквите козметички промени само ја продлабочуваат недовербата во политичкиот систем и ја потврдуваат перцепцијата дека функциите се награда за партиска лојалност и коалициски аранжмани, а не одговорност кон граѓаните.
Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖