„Кога заминува актер, не заминува само човек, заминува цел еден свет, цел еден универзум што тој го создавал на сцена. Со силен аплауз да го испратиме универзумот на Лазе Манасковски“. Со овие зборови, во името на македонското глумиште, директорот на Драмски театар Скопје Роберт Вељановски, му оддаде последна почит на истакнатиот македонски театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски.
Во присуство на семејството, претставници на владата, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерот Лазе Манасковски.
Телеграми со сочувство испратија претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот Зоран Љутков, како и колеги од повеќе македонски театри и од Факултетот за драмски уметности.
На комеморацијата последен поздрав упатија актерот Благоја Чоревски, а со свое емотивно обраќање пред присутните се обрати синот на Лазе, актерот Симон Манасковски.
Актерот Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 година во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1982 година. Во Драмскиот театар е вработен во 1983 година каде што е професионално ангажиран сѐ до неговото пензионирање во 2022 година. Во својата марична куќа дебитира во детската претстава „Џон Пиплфокс“, по која остварува улоги во повеќе од педесет претстави. Настапил и во повеќе филмски и телевизиски проекти. Публиката го памети по ликовите од филмовите: „Сенки“, „Исцелител“, „Врба“, „Хомо“, „Кајмак“ и во телевизиските серии: „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Тврдокорни“, „Македонија може“, „Преспав“, „Бистра вода“ и многу други.
Посмртниоте останки на актерот Лазе Манасковски беа погребани во понеделникот во присуство на семејството, бројните колеги и претставниците на македонската театарска и културна јавност.
Tagged as:
МАКЕДОНСКОТО ГЛУМИШТЕ СЕ ПРОСТИ ОД ЛАЗЕ МАНАСКОВСКИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖