Мислам дека целиот проблем околу корупцијата на високо ниво се состои во правосудниот систем. Затоа е и покрената иницијативата за разрешување на јавниот обвинител. Мислам дека судскиот систем треба да се реформира. Работиме во таа насока со нашите партнери, изјави денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, одговарајќи на новинарски прашања за време на Регионалниот форум „Од политика до импакт: Унапредување на интегритетот и институционалните реформи во Западен Балкан“.
– Знаете дека имавме проблем и со Антикорупциската комисија, сега веќе имаме нов претседател таму и верувам дека во блиска соработка со сите институции – Владата, Собранието, антикорупциските тела и со правосудниот систем, ние ќе се бориме против корупцијата на високо ниво. Исто така, ќе бараме да има судски разрешници, конфискација на имот. Се надевам дека со новата стратегија што треба да се усвои против корупцијата ќе имаме подобри резултати, ќе имаме тримесечни известувања, за на крај да добиеме позитивен извештај од Европската комисија – одговори министерот Фетаи на новинарско прашање.
Прашан околу разрешувањето на јавниот обвинител Љупчо Коцевски тој посочи дека одлуката за тоа е донесена на Владина седница, дека е таа добро образложена и очекува да биде усвоена во Собранието.
– Да, на одржаната владина седница, ние донесовме одлука за започнување на постапката за разрешување на јавниот обвинител заради добро познати причини. Значи има добро образложение што е испратено како предлог до Собранието. Сега топката е кај Собранието и се надевам дека во одредените законски рокови, Собранието ќе постапи за негово разрешување – одговори Фетаи.

Владата на вчерашната седница го усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој што ќе го достави до Собранието. Портпаролката на Владата Марија Митева вчера изјави дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.
– Причините за оваа иницијатива се јавни, познати, и Владата досега повеќепати ги има образложено, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена – јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните – рече Митева.



























