„Во една земја од Европската Унија именуваа министерка која е вештачка интелигенција, а сега таа е под истрага за корупција“.
Вака му рекол претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин на рускиот лидер Владимир Путин, повикувајќи се на вест од хрватскиот сатиричен потал ЊузБар.
Володин, кој поверувал дека веста на ЊузБар за албанската ВИ министерка Диела е вистинита и дека Диела наводно примила 14 биткоини за одобрување тендер за автопат, го предупредил Путин дека тоа е „реален случај што треба да нè научи на претпазливост“.
Наводната „вест“ била чиста фикција. Меѓу другото, порталот напишал дека Диела ќе ја брани ЧатГПТ, а до крајот на истрагата нејзините должности ќе ги преземе „стар модел Casio калкулатор“.
Володин подоцна снимката од седницата на Советот на Државната дума ја објавил и на својот канал, без да сфати дека бил жртва на сатира.
Хрватски ЊузБар потоа објави саркастично соопштение:
„Драго ни е што руските власти ги следат нашите написи – следната недела објавуваме нова серија закони за квантна магија и невидливи тенкови.“
Албанија, иако не е членка на ЕУ, навистина го отпочна проектот за интеграција на вештачка интелигенција во јавната администрација, наречен Диела, но таа е софтвер, а не вистинска личност.
Реакциите за Диела во регионот беа мешани. Албанскиот премиер Еди Рама тврди дека таа ќе го осигура спротивното – да се спречи корупцијата во Албанија.




























