Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во гостувањето во емисијата „Анализа“ на 24 ТВ порача дека членовите на Анкетната комисија се подготвени да работат интензивно, па дури и по 24 часа доколку е потребно, за да се обезбеди темелно разгледување на сите трагедии што се предмет на оваа комисија.
Стојаноски истакна дека комисијата е формирана за да ги опфати сите случаи со вкупно 138 жртви и да обезбеди јасни одговори. Според него, секое релевантно лице ќе има можност да биде предложено и сослушано.
– Сметавме дека треба да се даде шанса, преку една ваква Анкетна комисија, да се разговара за сите 138 жртви и сите трагедии што се случија. Така можеме пред парламентот да ги изведеме сите факти и да дадеме одговори на сите прашања – рече Стојаноски.
Тој одби дека постојат обиди за саботажа или одолговлекување.
– Не сметам дека нешто криеме или бегаме. Во нашата предлог-одлука оваа трагедија беше ставена како прва. Според Деловникот, постои процедура како се формира вакво тело и јас не можам да се согласам дека саботираме. Овој случај ќе го добие приоритетот во рамките на правната рамка – додаде тој.
Комисијата, според одлуката, треба да работи 45 дена, а по завршувањето следат дополнителни 30 дена за подготовки на извештајот, кој ќе биде доставен до надлежните институции.
– Од моментот кога ќе започне работата, комисијата има 45 дена. Не сметам дека е малку, кога има волја, има и начин. По завршувањето, имаме 30 дена за да го изготвиме извештајот – појасни Стојаноски.
Тој нагласи дека сите кои ќе предложат сведоци или лица за сослушување ќе имаат можност нивните предлози да бидат разгледани.
– Нашиот предлог е јасен, ако треба, ќе работиме 24 часа. Секој што е инволвиран и секој што сака да предложи некого за сослушување ќе добие шанса – порача Стојаноски.




























