Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица, објави поранешниот градоначалник Костадин Костадинов на неговиот фејсбук-профил.
Според него, проектот од стратешко значење за општина Струмица, од кој денес сите жители имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, бил инициран од Општината, изгласан на Советот и спроведен преку формирање Јавно сообраќајно претпријатие, јавна набавка и целосна имплементација.
„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи со цел да биде појаснето како е спроведен овој проект, кој денес беспрекорно функционира“, напиша Костадинов откако МВР соопшти дека против него е поднесена кривична пријава за набавката на електричните автобуси.
На крајот додава дека не би сакал да дава политички коментар.
МВР денеска поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник и уште пет лица за злоупотреби во постапката за јавна набавка на електрични автобуси.
„СВР Струмица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против К.К. (35) од Струмица поради сомнение за ‘злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство’, против Д.П.С. (61) од Струмица, К.Б. (37) од Богданци, Л.Ј. (63) од Ново Село и Л.Ѓ. (62) од Струмица за ‘несовесно работење во службата’, како и против Г.П. (58) од Скопје поради сомнение за помагање при извршувањето на делата“, соопшти МВР.



























