Бројот на жртви од пожарот што минатата недела уништи седум облакодери во Хонг Конг се искачи на 159, соопшти локалната полиција во понеделник, додавајќи дека уште 31 лице се водат како исчезнати.
Вкупно 140 од нив се идентификувани – 91 жена и 49 мажи, соопшти полицијата во соопштение објавено од Ројтерс.
Најмладиот имал само една година, а најстариот 97 години, додаде таа.
Седум од осумте станбени кули во комплексот Ванг Фук Корт во Хонг Конг се запалија минатата среда за време на обемни градежни работи, а истрагата покажа дека заштитната мрежа инсталирана околу зградите не ги исполнува стандардите за противпожарна отпорност.
Најмалку 13 лица, вклучувајќи ги и директорите на градежната компанија, се уапсени под сомнение за убиство од небрежност.Според Би-Би-Си, ова е најсмртоносниот пожар во градот во повеќе од 70 години, а бројот на жртви може да се зголеми бидејќи екипите продолжуваат да ги извлекуваат телата.
Главниот извршен директор на Хонг Конг, Џон Ли, изјави дека работата на комисијата, која ќе ја води судија, ќе биде фокусирана на „сеопфатни реформи“, со порака дека целта е „да се спречат слични трагедии во иднина“.
Властите во Хонг Конг, исто така, најавија обезбедување на околу 1.800 станбени единици за раселените жители, како и еднократна парична помош од 10.000 хонгконшки долари по домаќинство (околу илјада евра).
Прелиминарната истрага откри високо запалив стиропор што ги покрива прозорците на лифтот, што го забрза ширењето на пожарот.



























