Трговскиот брод Мидволга-2, кој пловел под руско знаме и превезувал сончогледово масло од Русија до Грузија, јавил дека бил нападнат на околу 130 километри од турската обала. Нападот доаѓа откако украински дронови во петокот, 28 ноември, погодија два танкера кои беа на пат кон руско пристаниште.
Бродот Мидволга-2 не побарал помош и продолжил да плови кон пристаништето Синоп, јави агенцијата Ројтерс. Според турската Управа за поморски прашања, ниту еден од 13-те членови на екипажот не е повреден.
Телевизискиот канал НТВ пренесе дека нападот бил изведен со украински камикaза-дрон. Турскиот функционер за поморство изјави дека „потребните пораки се пренесени до сите страни, вклучително и до украинските власти“.
Претходно, украинските поморски дронови ги погодија бродовите „Каирос“ и „Вират“ кои патуваа под санкции. Тие пренесувале руска нафта пловејќи под знамето на Гамбија и се сметаат за дел од „тајната флота на Путин“ која ја носи суровата нафта која потоа се преработува во други земји.
„Каирос“ и „Вират“ патуваа кон Новорусијск, големото руско нафтно пристаниште.
Ердоган ги оцени нападите врз цивилни бродови во Црното Море како неприфатливи, нагласувајќи дека Турција, како членка на НАТО, има обврска да одржува рамнотежа и комуникација и со Киев и со Москва.
Нападите доаѓаат во моменти кога се кршат копјата околу евентуален мировен договор за војната во Украина. Додека Русија притиска со напади во Украина и денеска објави дека е целосно заземен клучниот рударски град Покровск, украинските дронови неколку дена вршат диверзии во Црното Море.
Украинските беспилотни летала веќе неколку дена изведуваат напади во Црното Море. Во петокот, тие погодиле два танкера на пат кон руска нафтена лука, на кои се применувале западни санкции. Киев отворено најави дека ќе ја засили офанзивата врз руската нафтена индустрија — еден од клучните економски столбови на Москва.



























