Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 Степени“ на МТВ, прашан за финансирањето на правосудството и извештајот на Советот на Европа, направи споредба на процентот којшто се издвојува од БДП за правосудството во Македонија со оној во Словенија, но и споредба на БДП по глава на жител во Македонија и во Словенија, а потоа ги спореди платите на судиите.
– Платата којашто ја добива почетник судија во Македонија, бруто некаде е околу 19.134 евра годишно, според извештајот на Советот на Европа. Додека во Словенија таа плата е малку поголема од 34.000 евра бруто. Истиот судија почетник. Притоа, за БДП во Македонија истиот извештај вели дека е некаде над 6.600 евра по глава на жител, додека за словенечкиот вели дека е некаде над 27.000 евра по глава на жител. Со други зборови, платата на судија почетник во Словенија е за отприлика за 85% поголема од платата на судија почетник во Македонија, во услови кога БДП е за 350% поголем од БДП во Македонија – објасни Мицкоски кој споредувајќи го БДП во Словенија и во ЕУ со БДП во Македонија посочи дека разликата со Словенија е три спрема еден, а во услови кога БДП во Македонија по глава на жител е 6.600 евра и во услови кога БДП по глава на жител во ЕУ е над 30.000 евра, тоа е пет спрема еден.
Во однос на прашањето дали треба да се дадат повеќе пари за правосудството, за судовите и јавните обвинителства поефикасно да работат и да испорачуваат поквалитетна правда, Мицкоски го потенцираше фактот дека ние како држава одвојуваме за правосудството повеќе пари од просекот и од медијаната на земјите опфатени со извештајот изготвен од Советот на Европа, односно земјите членки на Советот на Европа.
– Ние издвојуваме 0,39% од БДП според анализата на Советот. Според нашата е 0,44%. Европскиот просек е 0,30%. По БДП по глава на жител, издвојуваме три пати помалку од европскиот просек, во услови кога нашиот БДП е пет пати помал – потенцираше Мицкоски.
Премиерот Мицкоски се повика и на податок од Албанија, колку таму се издвојува поради честите споредби, а таму процентот е 0,2%, односно двојно помалку отколку во Македонија по глава на жител.
На прашање дали финансирањето на СЈО би било добар пример за финансирање на правосудството, Мицкоски рече:
– СЈО не може да биде добар модел за финансирање, зашто на крај заврши спакуван во куфер Луј Витон.
Мицкоски нагласи дека за состојбите во правосудството не е до парите, туку до свеста и истакна дека судиите се соодветно платени за да испорачаат многу повеќе од тоа што сега го испорачуваат. Тој ја спореди премиерската плата со платата на претседател на Основен суд, којашто е поголема за 25% од премиерската плата.
Премиерот повторно посочи дека во правосудството има многу чесни обвинители и судии, за разлика од малкумината кои влегуваат во јавни преписки со него. Притоа го повтори предлогот, да се достави список со информација до Владата за тоа што им е неопходно, за нови вработувања асистенти и истражители, Судскиот Совет и Советот на јавни обвинители да го одобри тој список, а Владата ќе го прифати како зголемување.
– Прифаќам, самите да си сработат список, да им одобри Судски Совет или Совет на Јавни обвинители, како што бараат за тоа што сакаат да го вработат и што им е неопходно, и тоа ќе го прифатиме како зголемување. Нека направат список колку им требаат истражители, колку асистенти, нека направат систематизација, нека унапредат како што мислат, нека им го одобри Судскиот и обвинителскиот совет, и нека нѐ информираат дека во Буџетот за оваа цел ни се потребни толку пари, и ќе ги одобриме. Јас сум одговорен кон парите на граѓаните што се трошат, како се трошат. Јавно порачувам, направете список, кажете колкави се фискалните импликации, со ребалансот ќе бидат дополнети тие пари. И тоа е јавно кажано неколку пати. Бидејќи сега имаат предвидени за цела година средства во Буџетот за плати за вработените во судството, во првите четири-пет месеци ќе се потроши дел од тие пари, и за нововработените ќе биде малку поголем тој дел, а таа разлика со ребалансот ќе им биде вратена за целата година – посочи премиерот.




























