Четири лица се уапсени во Јужна Кореја поради наводно хакирање на повеќе од 120.000 домашни и деловни видеокамери и користење на снимките за создавање сексуално експлицитен материјал што го продале на странска веб-страница.
Полицијата во неделата соопшти дека осомничените ги искористиле безбедносните ранливости во „IP“ (интернет протокол) камерите, како што се едноставните лозинки, објавува Би-Би-Си.
„IP“ камерите, или домашните камери, се поевтина алтернатива на традиционалниот видео надзор. Тие се поврзуваат со домашна интернет мрежа и често се инсталираат за безбедност или за следење на деца и домашни миленици.
Цели на напади: Од домови до гинеколошки ординации
Хакираните камери биле лоцирани на различни локации, вклучувајќи приватни домови, караоке соби, студија за пилатес, па дури и гинеколошка ординација. Соопштението од Националната полициска агенција на Јужна Кореја открива дека четворицата осомничени дејствувале независно еден од друг и не биле поврзани.
Профитирање од приватноста на другите
Еден осомничен е обвинет за хакирање на 63.000 камери и производство на 545 видеа со сексуална експлоатација, кои потоа ги продал за виртуелни средства во вредност од 35 милиони вони (околу 24.000 евра).
Друг осомничен е обвинет дека хакирал 70.000 камери и продал 648 видеа за средства во вредност од 18 милиони вони (околу 10.564 евра). Двајцата осомничени биле одговорни за околу 62% од видеата објавени на веб-страницата што нелегално ги дистрибуирала снимките во изминатата година.
Обемна полициска операција
Полицијата работи на блокирање и затворање на веб-страницата и соработува со странски агенции за да го испита нејзиниот оператор. Уапсени се и три лица осомничени за купување и гледање на материјалот.
– Хакирањето на „IP“ камерите и нелегалното снимање предизвикуваат огромно страдање кај жртвите и затоа се сериозни кривични дела. Гледањето и поседувањето нелегално снимени видеа се исто така сериозни кривични дела, па затоа активно ќе ги истражиме – рече Парк Ву-хјун, раководител на сајбер истрагите во Националната полициска агенција.
Помош на жртвите и клучни совети
Властите лично ги посетиле или ги известиле жртвите на 58 локации, информирајќи ги за инцидентот и давајќи им упатства за промена на нивните лозинки. Тие исто така им помагаат на жртвите во бришењето и блокирањето на содржината и работат на идентификување на други кои можеби биле засегнати.
„Пред сè, клучно е и ефикасно за индивидуалните корисници кои имаат инсталирано ‘IP’ камери во своите домови или деловни објекти да останат будни и веднаш и редовно да ги менуваат лозинките за пристап“, се вели во соопштението на Националната полициска агенција.




























