Азија е погодена од катастрофални поплави кои однесоа стотици животи и загрозија милиони луѓе. Во Индонезија, спасувачките екипи се тркаат со времето за да пронајдат најмалку 400 исчезнати лица, за кои се стравува дека се закопани во лизгање на земјиштето откако циклонските дождови го опустошија регионот пред речиси една недела.
Властите потврдија дека бројот на жртви надмина 440 само на островот Суматра, додека повеќе од 900 луѓе ги загубија животите во налетот на бури и обилни дождови низ Тајланд, Малезија, Филипините и Шри Ланка овој месец.
Индонезија беше погодена од исклучително реткиот тропски циклон Сењар, кој предизвика катастрофални лизгања на земјиштето, однесе домови и поплави илјадници згради. Според Националната агенција за управување со катастрофи, луѓе се водат како исчезнати во провинциите Ацех, Северна Суматра и Западна Суматра. Помошта се испраќа по воздушен и морски пат, но некои села се уште се отсечени, а има и извештаи за кражба на храна и вода.
Доставата на помош е особено бавна во најтешко погодениот град Сиболга и округот Централен Тапанули во Северна Суматра. Портпаролот на полицијата, Фери Валинтукан, ги потврди извештаите за кражба во продавници во саботата навечер, што ја натера регионалната полиција да биде распоредена за воспоставување ред.
Размерот на уништувањето е предизвикан од исклучително голем и долготраен систем на грмотевици, изјави Ерма Јулихастин, експерт за клима во Националната агенција за истражување и иновации на Индонезија. Таа истакна дека просечните месечни врнежи од дожд за погодените области се околу 150 милиметри, додека некои области ја виделе таа количина само за еден ден.
– Ако наврнат повеќе од 100 милиметри за еден ден, тоа е екстремно, особено ако достигне 200 илиметри – рече Јулихастин.
Според неа, на 23 ноември, на западниот брег на Суматра наврнале 160 мм дожд, а еден ден подоцна, на 24 ноември, дури 226 мм.
Југоисточна Азија се соочува со едни од најлошите поплави во историјата. Покрај Индонезија, циклонот Сењар донесе обилни дождови и лизгање на земјиштето во Тајланд и во Малезија, каде што загинаа околу 170 лица. Уште три лица загинаа во Виетнам додека се приближуваше тропската бура Кото, додека претходно минатиот месец дождовите во таа земја веќе одзедоа најмалку 90 животи.
Тајфунот Калмаеги, кој ги погоди Филипините на почетокот на ноември, одзеде речиси 300 животи. Во Јужна Азија, циклонот Дитва ја опустоши Шри Ланка, каде што поплавите и лизгањето на земјиштето однесоа повеќе од 330 жртви. Претседателот на земјата, Анура Кумара Дисанајаке, ја нарече „најпредизвикувачката природна катастрофа“ што Шри Ланка некогаш ја видела.
Една од најтешко погодените области е покраината Ачех на Суматра, каде што бројот на жртви достигна 96, а 75 лица сè уште се водат како исчезнати. Кампови за евакуација се поставени во 20 области, а продавниците се со недостиг на залихи. Некои жители пријавиле дека децата пиеле дождовница собрана од нивните домови.
Новинарите од терен известуваат за големи тешкотии во достигнувањето до погодените области. Патувањето од Џакарта до Букитинги, најблискиот голем град до погодените области во Западна Суматра, сега е значително потешко.




























