Хибридните и информациските закани се најсериозниот предизвик за државата и токму тие мора да бидат главен приоритет во реформите, порача премиерот Христијан Мицкоски на конференција организирана од Институтот за комуникациски студии. Тој истакна дека „национален интерес е да изградиме држава која препознава и реагира брзо и професионално“.
– Војната денес се води со збор, со манипулација и со монтирана вистина,“ рече премиерот, нагласувајќи дека дезинформациските кампањи веќе немаат само медиумска, туку и јасна безбедносна димензија.
Според него, државата во последниот период направила одреден напредок, но системот сè уште се соочува со недостиг од ресурси, недоволно обуки и слаба институционална меморија. Мицкоски оцени дека „реалноста е дека мора да се гради одржлив систем, а не привремени одговори“.
Во дел од обраќањето тој истакна дека е минато времето кога со замена на еден директор исчезнувало целото знаење во институцијата.
– Ќе воведеме задолжителни процедури, методологии, бази на податоци и стандарди, за повеќе да нема празнини и зависност од поединци – додаде Мицкоски.
Претставувајќи ги следните чекори, премиерот најави континуирани обуки за сите институции – од МВР и МО, до јавната администрација и локалната самоуправа – како и специјализирани програми за дигитална безбедност и медиумска писменост. Тој потсети дека ниту една држава не може да се брани без обучени луѓе.
– Хибридните закани не се победуваат со молк, туку со заедничка акција – рече Мицкоски, најавувајќи отворање платформа за редовна соработка со Универзитетите, истражувачките центри, медиумските здруженија, граѓанскиот сектор и приватниот сектор.
Тој порача дека Владата нема да дозволи импровизации.
– Овој пат градиме држава која стои цврсто и гледа напред – изјави премиерот, додавајќи дека целта е да се изгради општество што препознава манипулации и институции кои реагираат брзо и професионално.
Мицкоски заклучи дека хибридните закани ја загрозуваат довербата меѓу луѓето и ја прават државата ранлива.
– Нашата задача е да ја вратиме довербата и да изградиме систем што нема да падне при првиот силен удар – заврши премиерот.




























