Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, при што како главна цел на посетата е посочено обезбедувањето стабилно и достапно снабдување со руски гас и нафта за Унгарија во текот на зимата и следната година.
Орбан, кој за разлика од повеќето лидери на ЕУ и НАТО одржува срдечни односи со Кремљ, нагласи дека со Путин ќе разговара и за мировните напори во Украина, посочувајќи дека ова прашање „тешко може да се избегне“.
Орбан, кој утрово полета за Москва, го опиша патувањето како логистички сложено поради војната и потребата да се избегнат ризични зони.
Орбан прецизираше дека целта на разговорите е продолжување на сигурното снабдување со енергенси што пристигнуваат во Унгарија преку руските гасоводи. Тој истакна дека цените на енергенсите во Европа се нестабилни и во пораст, додека Унгарија, благодарение на руските испораки, моментално има најниски цени на континентот.
Министерството за надворешни работи на Унгарија соопшти дека земјата оваа година веќе увезла 8,5 милиони тони сурова нафта и над седум милијарди кубни метри природен гас од Русија.
Посетата доаѓа откако Вашингтон воведе санкции за руските енергетски компании, но Будимпешта неодамна успеа да добие едногодишно изземање од американските санкции за руската нафта и гас.
– Сега ни требаат само гас и нафта, а тоа можеме да го купиме од Русите, изјави Орбан.
Други клучни теми на разговорите се за проширувањето на рускиот нуклеарен објект Пакш, каде американската компанија Вестингхаус (Westinghouse) се приклучува како снабдувач со гориво.
Исто така, како тема на разговор се спомнува и можното купување на уделот на Гаспром во српската компанија НИС од страна на унгарската нафтена компанија МОЛ (MOL). Се верува дека ова може да му помогне на МОЛ да го избегне влијанието на американските санкции.
Дипломатски извори наведуваат дека партнерите од НАТО и ЕУ не биле запознати со планот на Орбан за посета, ниту патувањето било координирано со Соединетите Држави.




























