Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека следната година пожарникарите низ целата држава ќе добијат речиси двојно поголема финансиска поддршка.
Во интервју за „Њузмакс Балкан“ тој откри дека во буџетот за 2025 година се предвидени 1 милијарда денари што ќе бидат распределени во сите општини за покривање на трошоците и платите на пожарникарите.
– Овие средства никогаш досега не биле издвоени во ваков износ. Во минатите години сумите беа значително помали – рече Мисајловски, нагласувајќи дека ова претставува најголема финансиска поддршка за пожарникарските служби досега.
Тој додаде дека буџетот е во завршна постапка и дека средствата за првпат системски ќе ја покријат работата на сите пожарникари во Македонија.
Покрај ова, Мисајловски истакна дека модернизацијата на Армијата ќе продолжи и во 2025 година. Планирани се инвестиции во реконструкција на Домот на АРМ, касарните и други објекти под надлежност на Министерството за одбрана.



























