Американскиот дизајнер Мајкл Шмит, познат по своите креации за американски ѕвезди како Шер и Доџо Кат, претстави модна колекција од облека изработени исклучиво од волна на „геј овни“, односно овни кои покажуваат интерес за други мажјаци, во соработка со германската организација Rainbow Wool и американската апликација за онлајн запознавање Grinder, објави Washington Post (WP).
Станува збор за проект кој има за цел да го поврзе светот на модата со заштитата на животните и укажува на положбата на овните, кои често ги отфрлаат земјоделците бидејќи не придонесуваат за репродукција на стадото.
Организацијата Rainbow Wool, предводена од германскиот земјоделец Михаел Штеке, тврди дека нивната цел не е само луксузен моден материјал, туку и заштита на животните кои се сметаат за економски товар на фармите.
Според проценките, еден од 12 овни не покажува интерес за овци, но поради тоа, како што се наведува, „ги забележува другите овни“.
Ваквите мажјаци, пишува американскиот весник, бараат иста грижа како и сите други, но бидејќи не придонесуваат за репродукција, многу земјоделци одлучуваат да ги отстранат од стадото.
Штеке, кој од 1995 година води фарма на повеќе од 40 хектари во Вестфалија, сега се грижи за повеќе од 500 овци, вклучувајќи 35 овни што ги спасил, кои носат смешни имиња како Марвин Геј и Жан-Вул Готје.
– Ова не е само убава приказна, туку има и силна порака – нагласи потпретседателот за маркетинг на Гриндр, Тристан Пинеиро, додавајќи дека идејата за шоуто е природен резултат на нивната маркетиншка стратегија.
Пинеиро објасни за WP дека овните се „метафора за многу луѓе кои се чувствуваат отфрлени затоа што не се вклопуваат во очекувањата на општеството“.
Шмит замислил колекција базирана на геј архетипови од поп-културата – морнари, пожарникари, дрвосечачи, полицајци и други ликови облечени целосно во волна.
За време на презентацијата на облеката, моделите носеле и реквизити направени од волна, од волнена пица и секира до полициска значка.
Волната била исчистена на фарма во Германија, потоа однесена во Шпанија за да се преде, а потоа испратена во Лос Анџелес, каде што тимот на Шмит имал само 2 месеца да претвори повеќе од 300 килограми преѓа во 37 сета.




























