Бугарскиот парламент вчера го поништи ветото на претседателот Румен Радев на закон што ѝ дозволува на владата да ја преземе рафинеријата на руската нафтена компанија „Лукоил“ и да ја продаде за да ја заштити од санкциите на САД, објавија бугарските медиуми.
Според Радев, тие ги кршат основните уставни принципи и отвораат широка врата за самоволие и злоупотреба.
Пратениците во бугарскиот парламент минатата недела ги одобрија измените на законот со кои на комерцијалниот менаџер назначен од владата му се дава овластување да го надгледува работењето на рафинеријата на „Лукоил“ во Бугарија откако санкциите на САД ќе стапат во сила на 21 ноември.
Специјалниот управител на „Лукоил“, според овој закон, може да ја продаде рафинеријата доколку е потребно.
За денеска бугарскиот премиер Росен Жељазков свикува итен состанок на Советот за безбедност на Советот на министри во врска со номинацијата и предлогот за избор на специјален управител на „Лукоил“.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД и Велика Британија воведоа санкции врз најголемите руски нафтени компании, „Лукоил“ и „Роснефт“, минатиот месец.
Тоа го зголеми притисокот врз рускиот претседател Владимир Путин да ја запре инвазијата на Украина и ги загрози операциите на „Роснефт“ и „Лукоил“ во Европа.



























