Српската пејачка Александра Пријовиќ повторно ги сруши границите на популарноста на Балканот – само за неколку минути откако беа пуштени во продажба билетите за нејзината дневна новогодишна забава во Загреб, веб-страницата upad.hr беше целосно блокирана од преголема заинтересираност.
Како што објави дистрибутивниот тим на страницата на која се продаваат билети, за забавата на Прија биле забележани дури 1,6 милион обиди да се купи билет, што предизвика вистински дигитален хаос.
„1,6 милион обиди за купување, неколку напади и… ова се случува. Се извинуваме за непријатностите и ви благодариме за вашето трпение, разбирање и за енергијата на љубовта што ги руши границите. Работиме на решение за да продолжиме таму каде што застанавме вечерва“, изјави тимот на страницата Упад.
Толку голем интерес за некој изведувач не беше забележан дури ни кога хрватската ѕвезда Марко Перковиќ Томпсон го најави својот концерт. Поточно, неговиот рекорд на продажба на билети за еден ден беше 500.000, што е помалку во споредба со бројот на луѓе заинтересирани за Александра Пријовиќ, пишуваат српските медиуми.
Александра Пријовиќ најави голем настап со кој, на 31 декември 2025 година во 14 часот во Павилјонот 5 на Загрепскиот саем, ќе ја испрати старата година со дневен концерт.
Влезниците беа пуштени во продажба во понеделникот во 17 часот, а платформата за билети „падна“ само неколку минути потоа.



























