Еден од најконтроверзните инвеститори во светот и добар познавач на берзите, Ворен Бафет, одлучи да молчи. Во писмо до акционерите на неговата компанија „Беркшир Хатавеј“ објавено вчера, тој напиша дека повеќе нема да пишува годишно писмо ниту да зборува на годишниот состанок на компанијата.
Бафет претходно одлучи да се пензионира од јануари 2026 година.
„Повеќе нема да го пишувам годишниот извештај на Беркшир ниту ќе зборувам бесконечно на годишниот состанок. Како што би рекле Британците, „Ќутам“, напиша Бафет.
Бафет, кој наполни 95 години, додаде дека ќе продолжи да објавува годишна порака за Денот на благодарноста и планира да остане во контакт со некои поединечни акционери на Беркшир.
Тој, исто така, објави дека ќе го забрза темпото со кое ги дава своите акции од „Беркшир Хатавеј“ на четири семејни фондации, вклучувајќи ја Фондацијата Сузан Томпсон Бафет и оние што ги управува секое од неговите три деца.
„Забрзувањето на моите донации во текот на животот на фондациите на моите деца во никој случај не одразува никаква промена во моите ставови за перспективите на Беркшир“, напиша Бафет.
Тој даде мислење и за наследникот првата позиција на компанијата Грег Абел кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на 1 јануари 2026 година.
„Абел ги оправда високите очекувања што ги имав за него кога првпат помислив дека треба да биде следниот извршен директор на Беркшир“, пишува во писмото.
На крајот од писмото Бафет ги повика инвеститорите да „ги пронајдат вистинските херои и да ги копираат“.
„Не заборавајте да ѝ се заблагодарите на Америка за максимизирање на вашите можности. Но, таа е – неизбежно – каприциозна, а понекогаш и предавничка во распределбата на своите награди.“
„Изберете ги вашите херои многу внимателно, а потоа имитирајте ги“, напиша Бафет.




























