Во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, вечерва во Кино Манаки премиерно беше прикажан долгометражниот документарен филм „Мојот вујко Стив Наумов“.
Филмот е посветен на животот и делото на народниот херој Стефан Наумов – Стив, учесник во НОБ, кој загина во 1942 година во борба со бугарската полиција. За неговиот придонес, Наумов е прогласен за народен херој на Југославија на 29 јуни 1945 година, а неговото име останува длабоко врежано во историјата на Македонија и на Битола.
Документарецот е во продукција на Македонско-турското здружение „Мустафа Кемал Ататурк“ – Битола, а снимен е на повеќе локации низ градот. Во филмот за животот и делото на херојот зборува неговиот внук од сестра, Стефан Бошков, претседател на Општинската организација на Сојузот на борци во Битола.ж
Авторите на филмот, Шенол Мемиш и Дејан Младеновиќ, изјавија дека нивната цел е преку вакви проекции да го поттикнат интересот кај битолчани да ја почувствуваат убавината и возбудата на киното како колективно искуство.
Ова е трет заеднички проект на авторите Младеновиќ и Мемиш, кои најавија дека до крајот на годината ќе бидат реализирани и неколку нови документарни филмови посветени на значајни личности и настани од македонската историја.




























