Европскиот производител на авиони „Ербас“ ја отвори својата втора линија за склопување авиони во Кина, проширувајќи го производствениот капацитет за својот најпродаван модел А320нео.
Новата линија, сместена во пристанишниот град Тјанџин, ќе биде целосно оперативна до почетокот на 2026 година, објави компанијата.
„Ербас“ постојано нагласува дека сака дополнително да го зајакне своето присуство во Кина и да придонесе за развојот на трговските односи меѓу Кина и Франција, како и Европската Унија.
Според извори од индустријата, „Ербас“ внимателно го темпирал отворањето на капацитетите во Кина и САД за да избегне да биде вовлечен во сложени трговски тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, кои се интензивираа во последните години.
Првата фабрика на „Ербас“ во Тјенџин беше отворена во 2008 година, а новата линија е дел од поширок план за проширување на производството надвор од Европа, поради растечката побарувачка на азискиот пазар.