Советот на Европската Унија усвои забрана за транзит на руски гас низ ЕУ до трети земји, а мерката стапува на сила на 1 јануари 2026 година.
Оваа одлука е дел од пошироката стратегија на ЕУ која има цел целосно да го укине увозот на руски енергетски производи и со тоа да постигне енергетска независност на Европа од Русија.
– Енергетската независност на Европа значи посилна и побезбедна Европа. Иако во последните години вредно работевме за да го исфрлиме рускиот гас и нафта од Европа, сè уште не сме успеале целосно. Затоа е клучно данското претседателство да обезбеди голема поддршка од министрите за енергија за законот што конечно ќе го забрани влезот на руски гас во ЕУ – изјави Ларс Огард, дански министер за енергетика
Според новите правила, купувачите од ЕУ нема да можат да потпишуваат нови договори за увоз на руски гас по 1 јануари 2026 година, а сите постоечки договори ќе мора да бидат раскинати најдоцна до крајот на 2027 година, без оглед на роковите предвидени во нив.
Иако од почетокот на руската агресија врз Украина, увозот на гас во ЕУ е намален на 13 отсто од над 40 отсто, Унијата сè уште годишно увезува гас во вредност од околу 15 милијарди евра од Русија.
Додека Словачка и Унгарија увезуваат гас преку цевководи, Белгија и Франција неодамна дури го зголемија увозот на руски течен природен гас (ЛНГ).
Од друга страна, уделот на руската нафта во вкупниот увоз на ЕУ падна под 3 проценти.