Во разговор во поткастот на Кејти Милер, чиј извадок го објави Фокс њуз, Џенифер Флавин, поранешна манекенка и сопруга на актерот Силвестер Сталоне, го привлече вниманието на јавноста откако зборуваше за, како што тврди, „зачестеноста на трансродовите деца меѓу холивудските семејства“.
Флавин рече дека верува дека „на децата на познатите личности во Холивуд им недостасува структура“, што според неа може да биде една од причините за „овој тренд“.
– Мислам дека Холивуд е место каде што сè е поврзано со изразување. Како и да сакате да се изразите себеси, тоа е прифатено – вели 57-годишната Флавин.
Таа, исто така, се осврна на „премногу слобода на изразување“.
– Ако денес се чувствувате како мачка, вие сте мачка. Сè стана премногу „лежерно“. Забораваме дека децата не се наши модни додатоци. Тие се мали човечки суштества на кои им е потребна структура затоа што им помага да го развијат својот мозок и да го организираат светот околу нив – рече Флавин.
Флавин и Сталоне се преселија од Калифорнија во Флорида минатата година, каде што, како што рече, „животот има повеќе ред и традиционални вредности“.
Зборувајќи за децата на познатите личности, Флавин рече дека „живеењето во богатство и луксуз“ може да доведе до губење на чувството за реалност.
– Во холивудските домови често нема структура бидејќи имате приватни авиони, големи куќи, готвачи, асистенти, дадилки… Едноставно има премногу од сè. Може да биде збунувачко за детето – рече таа.
Иако ја нагласи важноста на границите и воспитувањето, Флавин нагласи дека верува дека секој, кога ќе порасне, има право да одлучи за својот идентитет.
– Кога ќе станете возрасен, во ред е да одлучите што сакате да бидете. Но, важно е да ги одгледувате вашите деца со здрав разум. Моите ќерки беа tomboy девојчиња – сакаа да носат панталони и да спортуваат, но никогаш не им реков: „Сега си момче“. Јас само ги поддржував во она што го сакаа – рече таа.
Во последниве години, неколку холивудски ѕвезди јавно изразија поддршка за своите трансродови деца, вклучувајќи ги Роберт Де Ниро, Шер, Џејми Ли Кертис и Анет Бенинг. И покрај тврдењето на Флавин за „подемот на трансродовите деца во Холивуд“, нема статистички докази дека децата на познати личности имаат поголема веројатност да бидат трансродови од другите деца.