Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење, порача денеска на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, по вчерашното гласање во првиот круг од локалните избори и посочи дека Скопје избра иднина.
– Од дното на моето срце, сакам да ви се заблагодарам за секој глас, за секој разговор, за секоја подадена рака и за огромната доверба што ми ја дадовте во првиот круг од овие избори. Резултатот е јасен и недвосмислен – Скопје гласаше за работа. Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење, истакна тој.
Ѓорѓиевски нагласи дека Скопје избра иднина.
– Оваа победа и водство во првиот круг не е моја лична победа. Ова е победа на сите вас, кои верувате во развиено, европско и функционално Скопје. Вашата доверба е најголемиот мотив, но и најголемата обврска за мене. Вие испративте јасна порака дека нашиот град заслужува и може многу подобро – подвлече тој.
Притоа, потсети дека следува вториот круг од изборите.
– Првото полувреме го добивме убедливо, со огромна поддршка, но, натпреварот сѐ уште не е завршен. Работата мора да ја довршиме. Победата мора да ја потврдиме и да ја направиме уште поголема. Затоа, нема застанување. Уште од денес, продолжуваме со уште посилно темпо – најави Ѓорѓиевски.
Во наредните две недели, како што рече, заедно со неговиот тим, ќе биде присутен во секое маало, на секоја улица, во секој дом.
– Ќе разговараме со уште повеќе граѓани, ќе ја претставиме нашата програма и ќе ги слушнеме вашите идеи и критики. Сакам да упатам порака и до оние граѓани, кои во првиот круг не излегоа на гласање или го дадоа својот глас за некој од другите кандидати. Вратата на нашата граѓанска коалиција е отворена за сите. Нашата визија е обединето Скопје, а не поделен град. Ве повикувам да ни се придружите, да се обединиме околу идејата за подобро Скопје за сите нас – рече Ѓорѓиевски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека уште од денеска ќе разговара со сите кандидати и политички структури, кои не влегуваат во вториот круг. Ќе понуди соработка, затоа што, како што истакна, на Скопје му треба работа, а не политика. Тимот кој ќе го водел Скопје, ќе биде составен исклучиво од најдобрите, рече Ѓорѓиевски.
– Овој град изгуби премногу време во експерименти. Доста е. Да ги засукаме ракавите и да покажеме дека треба работа. Ве повикувам за поддршка, во вториот круг да излеземе уште помасовно. Да ја потврдиме волјата на мнозинството и да ја запечатиме конечната победа. Ова е битка за развиено и функционално Скопје. Да ја добиеме сите заедно – порача Ѓорѓиевски.
На новинарски прашања, дали очекува поддршка од СДСМ и ДУИ во вториот круг, тој одговори дека очекува да го поддржат сите граѓани на главниот град.
– Не водам политика. Јас сум работник и сум човек од народот и затоа на целиот народ во Скопје му нудам подадена рака – одговори тој.
Притоа, додаде дека очекува во вториот круг, да расте излезеноста и поддршката.
Ѓорѓиевски рече дека му се важни сите граѓани и најави рамномерен развој на градот.