Целосно реновиран болнички оддел е путен во употреба денеска на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Одделот денеска го посетија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Извршена е замена на сите прозорци, врати, подови и поставени се нови кревети за пациентите, со што одделот е комлетно обновен после повеќе од 20 години.
Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски изјави дека реновирањето на болничкиот оддел претставува значаен чекор напред во подобрувањето на здравствената заштита на пациентите.
– Со оваа инвестиција не само што добиваме современ и функционален простор, туку создадовме услови за највисоките медицински стандарди за подобра дијагностика, побрзо лекување и за поголема удобност на пациентите. Денеска испраќаме порака дека грижата за човекот е во сржта на нашата работа. Нашите пациенти заслужуваат современи услови и највисок квалитет на услуга, а нашите лекари и медицински сестри заслужуваат средина во која можат да ја покажат својата професионалност и хуманост во најдобро светло. Со отворањето на целосно реновиран болнички оддел на ТОАРИЛУЦ правиме чекор кон помодерно, похумано и поефикасно здравство – рече д-р Мерџаноски.
Тој најави продолжуваат со проектите за реновирање на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), која ќе биде опремена со најсовремена апаратура за интензивно лекување. Ќе се реновира оперативниот блок, а во следната година спиналниот центар за операции на рбетен столб ќе добие најнова апаратура со навигација со автоматизирана роботска рака, со која ќе биде на мапата на светските центри за лекување на болестите на рбетниот столб.
Во тек е, посочи Мерцановски, набавка на најнова апратура од сопствени средства – декса скен за дијагностика на остеопороза и за густина на коската.
– Донесени се нови борили за операции, две анестезиолошки машини кои ќе ги заменат 20 години старите апарати, најнов систем за вонтелесно прочистување на крвта, електро каутер за операции со аргон, кој се користи при операции на тумори за безкрвно отворање на оперативното поле. Направен е сервис, оспособени се 3 рендген апарати кои беа надвор од функција и се набавува нов рендген. Со донација е набавена заштитна опрема од радијационо зрачење за заштита на персоналот кој работи во оперативниот блок под рендген апарати. Седумгодишниот проблем со климатизацијата на оперативните сали на трауматологија е решен со поставување две клими за медицинска употреба, со сите филтри кои ги задоволуваат стандардите. Набавени се со донација. Со нив се намали бројот на инфекции од несоодветната климатизација. Ставен е нов елетростатски под во едната сала која не ги задоволуваше мерните стандарди – рече д-р Мерџаноски.
Потенцира и дека ставена во функција интерната перална која претпрела огромна штета поради несоодветно чување и сервисирање. Заедно со раководството на абдоминална хирургија, додаде, таа е ставена во функција и била корисна во моментот кога имаше проблем со пералните.
– Направена е контрола на магацините каде е затекната катастрофална состојба. Извршено е чистење и сега се користи како голем магацин според сите прописи, со записи. Сите овие работи се направени во многу краток период благодарение на поддршката од премиерот Мицкоски и министерот за здравство Алиу – додаде Мерџаноски.

Министерот за здравство Алиу рече дека продолжуваат со инвестициите во здравствената инфраструктура кои се клучни за унапредување на условите за третман на пациентите.
– Инвестицијата на одделот за трауматологија е посебно значајна имајќи предвид дека на овој оддел се лекуваат пациенти во исклучително тешка здравствена состојба. Веќе е во напредна фаза и реновирањето на одделот КАРИЛ, така што навистина изминатиот период се реализирани бројни инвестиции за целокупно унапредување на условите во оваа врвна терциерна установа – рече Алиу.
Премиерот Мицкоски рече дека тоа што планираат да го прават во здравството по локалните избори, ќе бидат сериозни, структурни реформи, бидејќи има чувство дека годишно се трошат околу милијарда евра, а не се добива тоа што граѓаните и пациентите го заслужуваат, но исто така и здравствените работници.
– Мислам дека има премногу надворешни влијанија, тие надворешни влијанија треба да бидат минато ако сакаме да имаме здравствен систем во којшто ќе имаме задоволни здравствени работници и задоволни пациенти. Ваквите иницијативи се секогаш добредојдени. Му честитам и на директорот, му благодарам и на министерот за поддршката и на сите луѓе кои се вклучени, а над сè, на здравствените работници кои се дел од оваа клиника и кои во суштина работеле во услови коишто биле никакви – рече Мицкоски.