Background

Македонците помалку зборуваат, но повеќе сурфаат на интернет

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија во Македонија во првиот квартал од 2025 година изнесува 1.941.996, што претставува намалување од 1,72 проценти во однос на последниот квартал од 2024 година, но зголемување од 0,62 проценти во споредба со истиот период лани.

Според најновите податоци на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), 1.588.395 претплатници имале пристап до интернет преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) заклучно со март годинава.

А1 и Македонски Телеком со најголем пазарен удел

- Advertisement -
Ad image

Во структурата на пазарот според бројот на активни претплатници, А1 Македонија учествува со 47,69 проценти, додека Македонски Телеком има удел од 46,66 проценти.

Зад нив следуваат МТЕЛ со 3,83 проценти, Телекабел со 1,34 проценти, Мтелмобајл со 0,38 проценти и Греен Мобиле со 0,10 проценти.

Во период од една година, Македонски Телеком бележи благ раст од 0,09 процентуални поени, додека А1 Македонија има пад од 0,21 поен. Најголем раст има МТЕЛ со 2,75 процентуални поени.

Кога се гледа пазарот според остварени приходи, Македонски Телеком доминира со 49,77 проценти, а А1 Македонија следи со 47,71 проценти.

Корисниците зборуваат помалку и испраќаат помалку пораки

Во првиот квартал од годинава, претплатниците во просек зборувале 226,57 минути месечно и иницирале 101,55 повици.

Вкупниот сообраќај во минути бележи пад од 5,57 проценти во однос на претходниот квартал и пад од 3,13 проценти во споредба со првиот квартал од 2024 година.

Испратените СМС-пораки се намалени за 12,56 проценти, додека ММС-пораките бележат раст од 1,99 проценти во однос на претходниот квартал.

Фиксната телефонија во континуиран пад

Во фиксната телефонија, во првиот квартал од 2025 година, претплатниците во просек иницирале 4,9 повици месечно и зборувале 11,18 минути.

Бројот на фиксни линии е намален за 0,04 проценти во однос на последниот квартал од 2024 година, но зголемен за 1,69 проценти во споредба со истиот квартал лани.

Вкупниот сообраќај преку фиксни линии бележи пад од 17,63 проценти на годишно ниво и пад од 6,67 проценти квартално, што потврдува дека интересот за фиксна телефонија продолжува да опаѓа.

Раст на интернет претплатниците и оптичките врски

Бројот на претплатници со пристап до интернет со широк опсег во првите три месеци од 2025 година изнесува 547.513, што е раст од 0,17 проценти во однос на претходниот квартал и раст од 2,27 проценти споредено со истиот квартал минатата година.

Најголем дел од претплатниците, 38,15 проценти, користат оптичка мрежа, додека 22 проценти се приклучени преку кабелски оператори (CaTV). Следуваат xDSL корисници со 17,82 проценти, LAN мрежи со 4,02 проценти, радио врски со 1,29 проценти и изнајмени линии со 0,36 проценти.

Помал број претплатници на кабелска телевизија

Податоците на АЕК покажуваат дека заклучно со првиот квартал од 2025 година, во земјава имало 183.133 претплатници на кабелска телевизија, што претставува пад од 1,73 проценти во однос на претходниот квартал и намалување од 7,07 проценти во споредба со истиот квартал лани.

Вкупниот број на претплатници на ТВ-услуги изнесува 439.061, од кои 181.915 користат IPTV, 38.465 користат DVB-T, а 35.548 сателитска телевизија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation