Вчера во 18:45 часот во СВР Тетово беше пријавено разбојништво во златара во центарот на Гостивар, близу малиот пазар. Пријавата ја поднел сопственикот, С.Ж. од Гостивар, кој известил дека четири маскирани лица, вооружени со автоматско оружје, го извршиле грабежот.
Како што информираат од СВР Тетово разбојниците одзеле околу 18 килограми злато во вредност од околу 1,8 милиони евра.
По извршувањето на делото, сторителите побегнале со патничко моторно возило БМВ без регистарски таблички. Веднаш е постапено по пријавата и во 19:00 часот на регионалниот пат Мавровска крстосница – с.Маврово пронајдено е опожарено патничкото возило.
Од СВР Тетово информираат дека веднаш е постапено по пријавата и дека се преземаат сите мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
Државното обвинителство, преку Основното јавно обвинителство од Гостивар, соопшти дека во текот на ноќта и утрината се издадени повеќе наредби со цел откривање на сторителите и обезбедување докази.
Од ОЈО истакнаа дека случајот е приоритетен и дека ќе се преземат сите потребни правни мерки за брзо расчистување на грабежот. Случајот е во активна фаза, а полицијата апелира до граѓаните кои имаат било какви информации за сторителите или возилото да се јават во најблиската полициска станица.