Хаотични сведоштва и непрецизни вештачења на судењето за Онкологија

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Со сослушување на сведок предложен од Основното јавно обвинителство, денеска продолжи судскиот процес против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, којшто заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти. Сведокот Александар Гаќев, сопруг на сега веќе почината пациентка пред Судот кажа дека по предлог на Васев, неговата сопруга примала терапија според експериментална програма.

Лекувањето, посочи сведокот, најпрво започнало кај докторката Мери Пешевска, но, потоа, како што рече, продолжило кај директорот на Клиниката за онкологија, Васев, и траело шест месеци. Неговата сопруга, на почетокот ја чувствувала терапијата, но по одреден период во неколку наврати нагласувала дека не ја чувствува повеќе истата терапија.

– Експерименталната терапија започна во 2022 година и траеше можеби шест месеци, не сум сигурен… Документите кои ги имавме, после година дена, со ќерка ми одлучивме да не ги чуваме и да ги фрлиме… На почетокот почувствува подобрување, после кажа дека терапијата ѝ е чудна и дека не ја осеќа. Ѝ беше кажано дека нема да ѝ падне косата и навистина не ѝ падна, почувствува подобрување. Понатаму, кажа дека се чувствува како да не пие ништо – рече сведокот Гаќев во одговор на прашања од Обвинителството.

Тој посочи дека по одреден временски период ѝ се појавила рана на градите, по што Васев предложил раната да биде преврзана. Кога отишле со сопругата на преврска, како што појасни, медицинската сестра случајно со прстенот ја закачила, по што раната се отворила и интензивно се проширила.

– Ѝ се појави рана на градите, по што докторот предложи да биде преврзана и ја прати на преврска. Кога отидовме на преврска сестрата случајно ја закачи со прстен и ѝ се отвори раната и постепено се прошируваше. Имам слики од самата рана – рече Гаќев.

Неговата сопруга по одреден временски период била пуштена на домашно лекување по што за две недели починала.

Адвокатот Боби Спирковски којшто е бранител на првообвинетиот Васев, по денешното рочиште, ги квалификуваше вештачењата направени од словенските и од српските лекари како неточни и непрецизни, бидејќи, како што рече, тие не добиле доволно документација, односно добиле само истории на болестите на пациентите.

– Вештачењето на сведокот е сосема спротивно од вештачењето на лекарите од Словенија. Ние не се сомневаме во стручноста на лекарите од Белград или од Марибор, туку ние само сметаме дека нивните вештачења се неточни и непрецизни, бидејќи тие не добиле доволно документација. Добиле само истории на болестите, што не е доволно и прават кардинални грешки – сметаат дека не можат да одлучуваат без да знаат каква е висината и тежината на пациентот. Секој лекар онколог, дури и секој пациент на Онкологија знае дека прва работа што треба да ја направи лекарот пред да даде каква било терапија е да ја измери висината и тежината на пациентот, за преку една формула да определи каква да биде терапијата. Тоа е абецеда во онкологијата – рече Спирковски.

Одбраната на првообвинетиот Васев на минатото рочиште до Судот поднесе барање државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да го преземе предметот или да го делегира на друго обвинителство. Со оглед дека по предлогот е потребно да одлучи јавниот обвинител на РСМ, судот ја одложи расправата.

- Advertisement -
Ad image

Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка од ОЈО Скопје Ана Гоговска Јакимовска.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article