Бурно, без страв и без пардон српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го повикал врвот на АТП во просторија на состанок и директно им се обратил со зборовите:
– Не грижете се, нема веќе да ве бранам – рекол тенискиот ас на прес-конференција пред Мастерсот во Шангај.
Според српскиот портал Мондо, Ѓоковиќ им ја упатил пораката на група играчи кои одбиле да ѝ се придружат на неговата организација ПТПА (Професионална тениска асоцијација).
Изворот тврди дека Ѓоковиќ, видливо револтиран, инсистирал на фер услови за сите тенисери, но кога сфатил дека некои ѕвезди на турнирите го саботираат, без дипломатски финеси им порачал дека повеќе нема да им биде адвокат.
– Јас зборував и за вас, и за оние од 100-то место. Бев гласен кога вие молчевте. Но ако не сте со мене – не очекувајте да ве штитам.
Според написот, неговите зборови предизвикале тишина во салата и дел од колегите биле изненадени од остриот, но искрен пристап на Ѓоковиќ.
На прес‑конференцијата асот дополнително говорел за критиките што ги добива од колегите и за состојбата во светскиот тенис. Според истиот извор, одговарал на прашања поврзани со напорниот календар, продолжувањето на турнирите и промените што, според него, му се штетни на тенисот и на помалите играчи.
Притоа Ѓоковиќ истакнал дека некои тенисери лицемерно се жалат на распоредот, а во исто време прифаќаат да играат егзибициски турнири за пари. Потсетил дека уште пред неколку години предупредувал дека Мастерс турнирите ќе се прошират, но тогаш бил осамен во критиката.
ПТПА, организацијата што Ѓоковиќ ја формираше заедно со Васек Поспишил, е алтернатива на официјалната структура на АТП. Таа се залага за поголеми права и транспарентност за сите тенисери, особено за оние кои не се во топ 20. Иако неколкумина ја поддржаа иницијативата, мнозинството ѕвезди сè уште ја игнорираат.
Овој потег на Ѓоковиќ доаѓа во време кога тенисот е под лупа поради контроверзите околу новите правила, комерцијализацијата и зголемениот притисок врз играчите. Но, шефот на ПТПА, очигледно, нема намера да молчи.