Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини воспостави системски пристап за заштита на државата во сите судски постапки и за првпат активно покренува тужби за наплата на долгови од должници.
– Во изминатите години државата била оставена без активна правна заштита – не биле оспорувани клучни докази, не биле преземани мерки за застареност на побарувањата и не биле бранети државните позиции. Министерството го менува тој пристап: активно се вклучува во секоја судска постапка, бара стручни вештачења, ја координира одбраната со Владата, иницира постапки за наплата на долгот на државата. Обврска ни е да ги штитиме средствата на граѓаните и ставаме ред во правните постапки – изјави министерката за енергетика рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Како што соопштија од Министерството, со преземањето на надлежностите Министерството затекна 6 судски предмети по поднесени тужби за вкупна вредност од 421.862.824 денари (6,85 милиони евра), поднесени против Министерство за економија. Правниот сектор во Министерството за енергетика уште при преземање на предметите изврши увид во нив и се вклучи во судските постапки.
– Веќе има конкретни резултати. Две тужби против државата во вредност од 315 милиони денари (5,12 милиони евра) се одбиени, со што буџетот е заштитен од огромни трошоци, а вкупната вредност на предметите против Министерството е намалена од 421,8 милиони на 106,8 милиони денари – велат од Министерството за енергетика.
Оттаму се забележува и дека при увидот во преземената документација е утврдено дека воопшто нема поднесени тужби против должници (физички и правни лица) за наплата на долг кој произлегува од неплатен надомест.
– Беше констатирано дека постојат повеќе застарени побарувања по основ на концесиски надомест, како и побарувања за неплатен концесиски надомест за кои не се поведени судски постапки а има основ државата да бара исплата- велат од Министерството.
При тоа се покренати 17 постапки за наплата на долгови во вкупна вредност од 32,8 милиони денари, од кои дел веќе се завршени со спогодби и позитивни пресуди. Истовремено на Управен суд се водат околу 20 предмети поврзани со концесии, од кои веќе има позитивна пракса за одбивање на тужби и предлози за времена мерка.