Акцентот ќе биде на домашната литература и на нејзините предизвици

Lorita
By Lorita
3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) почетокот на своето единаесетто издание ќе го означи в понеделник на 29 септември во Културно-информативниот центар во Скопје со почеток во 19.30 часот, а ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе се одвиваат во Културно-информативниот центар во Скопје, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.

Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874-1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).

– „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. „За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин – велат организаторите од издавачката куќа „Антолог“.

Годинава во фокусот се голем број македонски имиња, па публиката ќе има можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…

И годинава на овој фестивал доаѓаат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).

За време на фестивалски денови ќе се одржат бројни настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги.

Екслузивен настан годинава ќе биде „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи на 2 октомври во „Рамстор мол“.  Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.

Во рамки на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.

Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска.

- Advertisement -
Ad image

Фестивалот „BookStar“ 2025 е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и од издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар.

Share This Article