Руски војници тргнале да ја пробијат украинската одбрана кај Купјанск, но завршиле заглавени во подземни цевки, некои без воздух, некои без разум.
– Десетици војници се удавија, некои се самоповредија, а дел изгубија контрола над умот – раскажа Игор Гарус, припадник на руската армија, во видеоснимка објавена од рускиот медиум „Астра“.
Според истражувањето на украинскиот портал „Киев Индепендент“, војниците тргнале низ стари гасоводи со специјални колички и електрични тротинети. Првиот поголем тунелски влез бил регистриран уште во 2024 година кај Авдиивка, но сега оваа стратегија се шири како шумски оган.
– Центарот на Купјанск е под целосна украинска контрола – потврди украинскиот командант Јуриј Федоренко. Според него, каналот по кој навлегле Русите веќе е поплавен и затворен, а специјалците расчистуваат мали групи саботери.
Војниот аналитичар Виктор Кевљук за украинските медиуми изјави:
– Тоа не е никаква стратегија, туку обид за доаѓање до точка на изненадување. Да имаше метро, ќе влезеа и таму.
Иако ваквите „смртоносни напади“, како што ги нарекуваат самите руски војници, често завршуваат фатално, руската команда продолжува да ги користи.
– Нивните генерали никогаш не го ценеле човечкиот живот, истакна украинскиот портпарол Сергеј Братчук.