Министерството за финансии ќе ја заостри регулацијата на финансиските друштва во земјава, најави министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
-На пример, вие знаете, во една банка максималната изложеност на едно физичко лице може да биде до 55% од примањата. Кај овие финансиски друштва тоа е 70%. Тоа е утврдено со закон, меѓутоа во законот точно е наведено што значи лично примање, дека треба да се побараат податоци од кредитното биро и слично. Сега ги доуредуваме сите овие работи – рече Димитриеска- Кочоска во емисија на ТВ21.
Таа нагласи дека во изминатата година сериозно се работело на зајакнување на контролата врз овие друштва.
-Две лиценци се одземени, четири прекршочни налози и глоби се констатирани. Имаме информации што се случува на терен. Сега се подготвува уште една прекршочна постапка за друштво со сериозни пропусти токму во делот на пресметките и начинот на калкулирање на трошоците, спротивно на законот – рече Димитриеска- Кочоска.
Според неа, целта не е директно затворање на ваквите компании, туку заштита на граѓаните.
– Некои друштва веќе вратија повеќе од тоа што законски требало. Сега тоа друштво ќе добие не само опомена, туку и конкретни инструкции што треба да направи. Многу внимание се посветува на ова и дефинитивно ќе се заостри рамката околу нив – рече Димитриеска- Кочоска.