Македонија повторно се соочува со сериозна огнена стихија – според податоците на Центарот за управување со кризи до 07:00 часот, на територијата на државата биле регистрирани вкупно 28 пожари на отворен простор. Иако најголемиот дел, односно 21 пожар, биле успешно изгаснати, три сè уште се активни, а четири се држат под контрола.
Најтешка е состојбата во општина Македонски Брод, каде над селото Бенче огнот зафаќа делови од дабова шума и папрат на планината Добра Вода. Во Чучер Сандево и Липково пламени јазици горат во мешани шуми околу селата Малино, Танушевци и Лукаре, а во Прилеп пожар се прошири во близина на селото Дабница и кај месноста Три багреми, каде што гори ниска вегетација и депонирано ѓубре.
Истовремено, четири пожари се ставени под контрола, меѓу кои и оној на Кожуф планина каде што беше зафатена букова шума. Пожарникарите во Делчево се изборија со пламените јазици на градската депонија Острец, додека во Студеничани огнот во месноста Црна Лома кај селото Марково Сушица е стабилизиран. И во Дебар пожарот кај селото Долгаш, кој ја зафати шумата, е ставен под надзор.
Иако голем број на пожари се изгаснати, трагите од ноќната борба со огнот остануваат на повеќе локации. Во Арачиново, каде што изгореа ниска вегетација и ѓубре кај клучката и селото Грушино, состојбата е стабилизирана. Слични слики има и во Бутел кај булеварот „Словенија“ и селото Љуботен, во Куманово на автопатот кон Скопје, кај Романовце, Агино Село и во близина на „Мак Петрол“. Огнот зафати и делови од Крушево, Пробиштип, Гостивар, Струга, Брвеница и други населени места, но пожарите таму се изгаснати.
Бројот на интервенции сведочи за тежината на ситуацијата, иако пожарникарите и екипите на ЦУК успеале да спречат поголема катастрофа.