Српскиот претседател Александар Вучиќ од говорницата на Обединетите нации понуди Белград да биде домаќин на глобални мировни преговори, истакнувајќи ја длабоката распарчена стварност – не само меѓу држави, туку и внатре во секое општество.
Според српскиот лидер светот се соочува со најсмртоносниот бран на насилство од Втората светска војна.
– Сакам да понудам Белград како место за дијалог за сите конфликти ширум светот. Верувам дека ќе обезбедиме најдобро можно гостопримство и апсолутна безбедност за сите учесници.Живееме во време на најтешки судири – изјави тој на седницата на Генералното собрание на ОН, нагласувајќи дека денешниот свет се распаѓа по „емотивни разлики, проклета омраза и непочитување на основните морални права во секое село“.
Според Вучиќ, досега во 2024 година избувнале 61 вооружен конфликт во 36 држави, најмногу во последните 7 децении.
– Она што најмногу загрижува е што денешните општества се подлабоко поделени од било кога. Во минатото барем се покажуваше емпатија кога некој ќе загинеше, сега дури и сочувството исчезна.
Понатаму Вучиќ зборуваше за проблемите на Србија велејќи дека Србија не е тампон-зона, туку мост – а мостовите не делат, туку поврзуваат.
– Светот е пред големи геополитички расцепи, а Повелбата на Обединетите нации е единствениот рамковен акт што може да нè држи заедно – порача српскиот лидер.
Во обраќањето Вучиќ ја издвои и важноста на Балканот како „место на заедничка одговорност“ и нагласи дека регионот мора да биде заштитен од туѓи амбиции.
– Триесет години по конфликтите, стабилноста е нашата најголема вредност. Балканските народи заслужуваат право да ја обликуваат својата иднина без странско туторство – нагласи српскиот лидер.
Вучиќ истакнна дека Србија ќе се држи до целосна имплементација на Дејтонскиот договор, почитувајќи ги правата на сите – Србите, Бошњаците и Хрватите во Босна и Херцеговина.