Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) крвари на многу места“. Ова го рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, во интервју за порталот 360 Степени.
– Ние имаме загуба на позитивна листа со лажни рецепти. Имаме загуба… позитивната листа е 50 милиони евра. Имаме загуба со лажни боледувања. За боледувања плаќаме 80 милиони евра годишно. Само како Фонд, без работодавачите. Имаме загуба во лекови, во неконтрола на болничка употреба на лекови. И, морам да кажам дека нашиот приоритет е да се посветиме на најмногу контрола таму каде што имаме најголем ризик. За споредба, сите кардиологии заедно имаат помал буџет од една клиника – Клиниката за онкологија. Јас постојано ги охрабрувам граѓаните, и од таму каде што требало да биде нешто направено, а не било направено, да поднесат претставка и ако смеаат дека се прекумерно наплатено, односно дека нешто не требало да биде направено, да поднесуваат претставки кон нас бидејќи надвор од редовните контроли ние немаме механизми за постапување – вели Клековски.
На прашањето дали ја исклучува можноста дека Фондот „крвари“ и од кардиохирургијата, односно преку исплата на пари за операции кои не требало да се случат. Остави простор дека таа можност постои, но кажа дека граѓаните најчесто се жалат на друг тренд.
– Значи, не дали е оправдана или не е оправдана интервенцијата, туку кој кого каде упатува. И не е тајна дека одредени кардиолози упатуваат пациенти во одредени болници. Меѓутоа имаме многу расправа со стручната фела, дали правото на избор на лекар е над протоколите за упатување на пациентите. Бидејќи често се случува да се прескокнуваат нивоа. Моето очекување е кардиологот од Струмица да го упати пациентот во Клиничката болница во Штип, а не директно во некоја од скопските болници, јавни или приватни. И тука има голема расправа. Се надевам дека со уредување на патоказите, кој пациент каде треба да биде упатен, спреме најблиската локација каде се врши таа интервенција. Бидејќи во неелективната кардиологија, таа што може да се планира, во итната кардиологија времето е и те како важно – изјави Сашо Клековски, директор на ФЗОРСМ, во интервју за 360 степени.