Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на платформата Икс објави дека го потпишал Договорот за стогодишно партнерство во Велика Британија.
„Нашиот сојуз ја удвојува нашата сила. Затоа е чест и привилегија да го потпишеме законот за ратификација на Стогодишниот договор за партнерство меѓу Велика Британија и Украина. Вчера, Врховната рада со големо мнозинство го поддржа овој историски договор, а денеска го враќам во Парламентот со мојот потпис“, наведе Зеленски.
Тој изрази благодарност до кралот Чарлс Трети за неговата непоколеблива поддршка.
„Кога тиранијата повторно ќе ја загрози Европа, сите мора да останеме цврсти, а Велика Британија продолжува да игра водечка улога во одбраната на слободата на многу фронтови. Заедно постигнавме многу, а со поддршка на слободољубивите нации – Велика Британија, нашите европски партнери и САД – продолжуваме да ги браниме вредностите и да го заштитуваме човечкиот живот. Обединети сме во нашите напори да ја направиме дипломатијата ефикасна и да обезбедиме траен мир за европскиот континент“, напиша Зеленски.
Врховната рада со 295 гласови „за“ го ратификуваше Договорот за стогодишно партнерство меѓу Украина и Велика Британија.